До 20 април е отворен четвртиот повик на ФИТР „Предизвик за млади истражувачи – зелени проекти”

Од:

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) во соработка со Министерството за образование и наука денеска го претстави четвртиот јавен повик „Предизвик за млади истражувачи #4 – зелени проекти”. Тој е дел од концептот кој го развива ФИТР – „Фонд за млади умови”, а целта е учениците да се поттикнат преку истражувачки активности да дојдат до креативни и иновативни решенија за зачувување и унапредување на животната средина.

Повикот е наменет за сите основни и средни училишта во земјава и е отворен до 20 април 2021. Може да аплицира истражувачки проектен тим кој треба да се состои од еден до двајца наставници, односно лидери на проектот, и од пет до десет ученици.

Буџетот за четвртиот Предизвик за млади истражувачи е во износ од 3.000.000 денари. Вкупниот буџет на поединечен предлог-проект треба да изнесува од 100.000 до најмногу 200.000 денари. ФИТР ќе обезбеди и дополнителна награда од 30.000 денари за наставник/наставници кои се лидери на проектот, а ќе бидат наменети за набавка на дигитална опрема за примана во наставата.

Директорот на Фондот, Коста Петров, рече дека истражувачките проекти кои ќе аплицираат на повикот треба да бидат од областите на природните и техничките науки и да се врз основа на научен метод. Деталите за проектите се појаснети во повикот објавен на веб-страницата на ФИТР. Прифатливи за финансирање ќе бидат трошоците за набавка или изнајмување опрема за истражување и развој, како лабораториска, дигитална опрема итн.

– Предложените проекти треба да имаат видливи резултати, како што се истражувачки есеј, изработка на проектна задача, изработка на прототип, аудиовизуелен, дигитален материјал и слично. Рок за завршување на проектите е 12 месеци, рече Петров, додавајќи дека тие ќе бидат оценувани според четири критериуми – квалитет, применливост на резултатите од истражувањето, капацитет на проектиниот тим и усогласеност на предлог-проектот со целите на повикот.

Нагласи дека особено охрабруваат интердисциплинарни проекти, тимови со еднаква родова застапеност и кои вклучуваат деца со различна етничка припадност, деца со посебни потреби, од различни возрасти и проекти кои се поднесени од училишта од рурални средини.

Селекцијата на проектите ќе биде во четири фази, а комисијата што ќе ги оценува ќе има пет члена. Петров ги повика учениците да аплицираат на новиот повик, порачувајќи им дека нашата земја нуди перспективни можности и услови за развој на нивните идеи и иницијативи.

Министерката за образование и наука Мила Царовска истакна дека нивните идеи ќе бидат поддржани финансиски и логистички за да успеат да се конкретизираат во резултати.

– Затоа што нема поголем мотив за еден млад човек да продолжи да се надградува, да се заложува, да креира од тоа неговите идеи да се преточуваат во реалност и да ги остваруваат проектираните очекувања. Затоа сме тука – за да помогнеме, рече Царовска на промовирањето на четвртиот Предизвик за млади истражувачи на Фондот за иновации и технолошки развој.

Очекува и на овој повик да пристигнат, како што рече, голем број интересни предлог-проекти, а тие што се добри ќе бидат поддржани. За овие повици на ФИТР има голем интерес и на изминатите три биле поддржани околу 90 училишни проекти со вклучени над 500 ученици и ментори.

Министерката соопшти и дека се преземаат нови мерки и долгорочни планови за младите научници, а науката, развојот и иновациите ќе бидат во фокусот зашто се носители на општествениот и економскиот напредок на државата.

– Ќе извршиме целосна промена на начинот на финансирање на научно-истражувачката дејност преку воведување програмско и планско финансирање и поддржување, како и на грантово финансирање кое почна и преку Фондот за иновации минатата година со доделување 34 ваучери во вкупен износ од 15 милиони денари. Сите овие можности ќе бидат регулирани во целосно нов закон за научно-истражувачка дејност кој е во фаза на подготовка од работна група од претстваници на универзитетите и научни инстутуции, рече Царовска.

Би можело да ве интересира

Јанушев: Обвинителството да отвори истрага за грантовите од ФИТР на Дрин Ахмети, од шест милиони по огласот, тој добил пет

ФИТР со реакција: Внукот на Ахмети барал повеќе пари за иновации ама му одобриле само 82.000 евра

А1он

Фондот за иновации потрошил еден милион евра за хонорарци и експерти кои не поминале интервју, открија ревизорите

A1on

МАСИТ: Цоневски со волонтерски ангажман во Комисијата, не подлежи на поднесување анкетен лист

Катерина Ѓуровски

Саша Максимовски ги демантира тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

ФИТР: Почнува проектот за дигитализација на повеќе од пет милиони оргинални записи на Институтот „Крсте Мисирков“

Ана Ололовска