Состојбите во транспортниот сектор во регионот, идните планирани активности, можноста за проширување на концептот „зелени коридори“ заради олеснување на транспортот со соседните земји членки на Европската Унија и безбедноста на патиштата, се темите на Министерскиот совет во рамки на Транспортната заедница, што се одржува во Брдо кај Крањ, на кој учествува и министерот за транспорт Благој Бочварски.
Бочварски во обраќање на министерскиот совет го истакна примерот со т.н. зелени коридори кои беа воведени за време на падемијата како успешен пример за брзиот транспорт на стока и медицински материјали се со цел избегнување на тесните грла на границите.
-Иницијативата за „зелените коридори“, промовирана во регионот на Западен Балкан за време на здравствената криза, како привремен и брз одговор на тековната здравствена вонредна состојба, имаше цел спречување на недостиг на неопходна стока и медицинска опрема. Оваа иницијатива се покажа како еден од најуспешните примери за регионална соработка. Нејзиното главно достигнување за зачувување на трговските текови во регионот, не само што имаше значителни економски придобивки, туку се покажа многу практична во однос на решавањето на итните потреби на населението во време на пандемијата, истакна министерот Бочварски.
Во рамките на своите заложби, потенцираше министерот Бочварски, Владата активно работи на формирање агенција за безбедност која ќе има цел зголемување на нивото на безбедност во транспортот преку воспоставување сигурен и безбеден транспортен систем за сите корисници.
На Министерскиот совет присуствуваа и министрите за транспорт на земјите од регионот, потписнички на Договорот за транспортна заедница, Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Косово, Република Србија и Република Црна Гора, како и претставници на Секретаријатот на Транспортната заедница и Европската комисија.
Тие дискутираа и за новата Стратегија за одржлива и паметна мобилност од перспектива на Западен Балкан како и за ажурирање на листата на европското законодавството и нивно прилагодување во членките на Транспортната заедница.
На маргините на Министерскиот совет, Бочварски одржа билатерални средби со министерот за инфраструктура на Косово, Либурн Алиу и со министерот за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Србија, Томислав Момировиќ.
Со косовскиот колега разговараа за меѓународниот патен транспорт меѓу двете земји и разменија информации за изградбата на автопатот Скопје-Блаце, како и за плановите за изградба на заедничка железничка гранична станица. Во фокус на разговорите со српскиот министер Момировиќ, беа модернизацијата на патниот и железнички Коридор 10, како и изградбата на заедничка железничка станица на Табановце, како пример за добра регионална соработка.
Од Министерството за транспорт и врски најавија дека утре Бочварски ќе учествува на Министерскиот состанок за прекугранично поврзување на земјите од регионот на Западен Балкан во рамки на словенечкото претседателство со Советот на Европската Унија.