Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, престојува во работна посета во Брисел, каде учествува на Министерскиот совет на Транспортната заедница за Западен Балкан, чиј домаќин е Европската Комисија и комесарката за транспорт, Адина-Јоана Вален.
Како што информираат од Министерството за транспорт, на Советот се разговарало за напредокот на имплеметација на акциските планови во делот на патниот и железнички транспорт, транспортното олеснување и подигнување на безбедноста на патиштата во земјите од Западен Блакан.
Во своето обраќање министерот Бочварски ја потенцира стратешката определба на Владата на Република Северна Македонија за изградба на патниот и железнички Коридор 8 со посебен акцент на доизградбата на железничкиот крак Исток – Запад за постигнување на ТЕН-Т стандардите на транспортната мрежа.
На средбата тој го нотираше Коридор 8 како значаен правец за регионалната интеграција и побара од Европската Комисија, истиот да биде вметнат во единствениот Европскиот Коридор за Западен Балкан.
„Имајќи предвид дека и во железничкиот и во патниот Коридор 8 недостасуваат делници кои треба да се изградат односно надградат за да бидат на ниво на барањата на ТЕН-T мрежата, ова бара време, но и огромни финансиски средства. Поддршката од ЕУ, поконкретно од Европската комисија е суштинска. И во оваа прилика ја бараме вашата поддршка во реализирање на нашето барање за влез на нашите коридори во основната ТЕН-Т мрежа, особено на западниот дел од Коридорот 8. Нотираме дека регионалната соработка во Западен Балкан е коориднирана и во однос на реализација за ТЕН-Т Коридорот 8 е на високо ниво“, се обрати министерот Бочварски.
Како дел од акцискиот план, тој го истакна воспоставувањето на сигурен и безбеден транспорт преку изготвениот нацрт Закон за формирање на Агенција за безбедност како и воспоставувањето на Интелигентниот транспорент систем на Коридор 10. За таа цел побара техничка и финаниска помош од Европската Унија.
„Исклучително би ценеле доколку ни се овозможи техничка помош за Агенцијата за безбедност за континуирана и одржлива поддршка во воспоставувањето и функционирањето на целокупниот систем за безбедност на патиштата во земјата на принциот на т.н. “Safe system approach“. Во исто време би сакал да потенцирам и за огромната потреба од финансиска поддршка во смисла на поголем пристап до грант средства, особено за сложените регионални инфраструктурни проекти“, истакна министерот Бочварски.
Во делот на постигнување на Целите за услогласеност на Транспортната мрежа со ЕУ, министерот Бочварски нотираше дека Република Северна Македонија напредува со добра стапка која е на нивото како и земјите од Западен Балкан.
На состанокот покрај министерот Бочварски, присуствуваа и министрите за транспорт и инфраструктура од земјите од Западен Балкан, како и претставници од Владата на Грузија, Молдавија и Украина.
Во рамки на Министерскиот совет се потпиша и Декларација за воспоставувње на поблиска соработка во транспортниот сектор меѓу ЕУ, земјите од Западен Балкан и Грузија, Молдавија и Украина како чекор понапред во развојот на меѓународниот транспорт во Европа.