Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, реализираше работна посета и средба со менаџментот на компанијата Џонсон Мети, која работи во технолошко индустриската развојна зона Бунарџик.
На средбата вицепремиерот Анѓушев нагласи дека Владата работи на одржување на добри односи со странските компании кои работат во Македонија, како и дека интензивно работи на привлекување на нови реномирани компании, со што се докажува позитивната намера кон странските инвеститори.
„Мерките од Планот за економски раст се многу поттикнувачки за инвеститорите. Преку овие мерки стимулираме нови инвестиции, за побрз технолошки развој и зголемена конкурентност на компаниите, повисоки плати за вработените како и подобрување на соработката помеѓу странските и домашните компании. Многу важно е дека ги стимулираме и домашните компании технолошки да се развиваат, да создаваат производи со повисоки стандарди и подобар квалитет, за на тој начин да ја зголемат својата конкурентност и да стануваат потенцијални добавувачи на странските компании“, потенцираше вицепремиерот.
Менаџментот на Џонсон Мети ги презентираше резултатите кои оваа компанија ги има постигнато изминатите години. Тие посочија дека во 2017 година во нивната фабрика во која работат над 920 лица, се произведени околу 12 милиони катализатори, а вкупниот остварен извоз е околу 1,5 милијарди евра, при што посочија дека очекуваат резултатите во 2018 година да покажат дополнителен раст. Дополнително менаџерскиот тим на Џонсон Мети, нагласи дека се посветува особено внимание на развој на вработените и имплементација на највискоите деловни стандарди во работењето.
„Растот и развојот на компаниите е успех за Република Македонија. Токму успешните компании се во фокусот на Владата и мерките за поддршка се фокусирани кон нив. Со директна финансиска поддршка од Владата, односно преку имплеметација на Законот за финаниска поддршка на инвестициите, кој од денес и официјално стапува на сила, ги поттикнуваме компаниите да реализираат нови инвестиции, да отвораат нови подобро платени работни места, технолошки да се развиваат и да стануваат поконкурентни на меѓунаордни пазари во насока на повисоки стапки на економски раст и благосостојба на македонските граѓани“, потенцираше вицепремиерот Анѓушев.