Македонија беше во една сериозна криза целата прва половина од оваа година и таа политичка криза имаше влијание врз странските инвеститори, изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, одговарајќи на новинарско прашање за намалувањето на странските инвестици, по работниот состанок со стопанственици од Велес.
– Разговарав со сите странски инвеститори кои имале желба да дојдат во Македонија и можам да кажам дека не е вистина дека нема странски инвеститори и дека нема интерес. Напротив сите тие го поздравуваат концептот на транспарентна помош. Секоја компанија ќе знае што и следува, ќе бидат стимулирани сите креирања на работни места што ќе даваат поголеми приходи на вработените, посебно ќе се обрне внимание на високо квалификуваниот работен кадар. Има голем број на странски инвеститори кои се заинтересирани сега по соопштувањето на мерките на новата Влада да дојдат и да инвестираа, потенцира Анѓушев.
Поосочи дека ја информирал целокупната македонска јавност и дека ги повикал странските инвеститори во Македонија и сите коишто се заинтересирани да дојдат и дека имале плодни разговори.
– Тие што се тука сфатија дека македонската Влада нема никаква намера да не ги исполнува обврските по договорите што веќе се потпишани и тие ќе бидат во целост исполнети. Воедно новите договори што ќе се потпишат ќе бидат максимално транспарентни и од анализите констатиравме дека тие се задоволни дека таа програма која ќе биде конкурентна со целокупното опкружување и сите земји во соседството, потенцира Анѓушев.
Анѓушев, нагласи дека ќе ги подржат и македонските компании затоа што тие дивиденти ќе останат во Македонија, без разлика дали тоа е капитал на компаниите или на сопствениците на компаниите за коишто повторно треба да платат данок во Македонија.
На новинарско прашање за состојбата во велешкото стопанство и можност за развој и отворање на нови работни места, вицепремиерот Анѓушев појасни дека секогаш постои можност да се направи нешто повеќе.
– Јас се надевам дека Велес ќе може да ги врати својот глас како добар индустриски град. Јас сум роден во Велес и се сеќавам на времето кога имаше 19 илјади вработени во индустријата, а за жал денеска тој број е многу помал и лошо е што се направија лоши приватизации и некои компании се затворија, а имаа шанса да работат. Ние како Влада ќе направиме се, тие да бидат поддржани што значи постојните капацитети да бидат рестартирани, а за тоа ќе има мерки во програмата која ќе биде објавена во септември. Се надевам дека таа програма ќе помогне тие да бидат реотворени, нагласи Анѓушев.
Прашан за проблемите во велешка Колска и за тоа дали има излезно решение со оваа фирма, тој рече дека Колска била во состав на Македонски Железници и излегла одамна од нив поради некои причини.
– Значи Колска во своето работење е поврзана со МЖ и со Македонска инфраструктура бидејќи и тие имаат одредени возила за репарирање. Затоа сметаме дека со повторно соединување на овие две компании па и поставување на менаџмент со програма за менаџирање и ние сакаме таму платате да биде на економска основа и да биде заработена. На тие луѓе треба да им се помогне. Тие вчера беа кај мене на состанок и откако ќе ја видиме програмата која новиот менаџмент ќе ја предложи ние ќе донесеме одлука на кој начин ќе им помогнеме. Она што сигурно можам да го потврдам е дека ќе им помогнеме, во однос на платите и во однос на сите придонеси кои што им следуваат со платите, потенцира вицепремиерот Анѓушев.