Од 15 декември започнува наградната игра МојДДВ#МојаНаграда, која ќе трае една година и на која ќе се доделат две главни премии од по 50.000 евра, секој месец ќе се доделуваат 15 награди од по 100.000 денари, додека секој ден ќе се доделуваат по 10 награди – 4 по 1.000 денари, 3 награди по 2.000 денари и 3 награди по 3.000 денари. Вкупниот фонд на #МојаНаграда е половина милион евра, а ќе можат да учествуваат сите полнолетни граѓани кои се регистрирани во системот на е-персонален данок и кои скенираат фискални сметки преку апликацијата МојДДВ, истакна министерката за финансии Нина Ангеловска на денешната прес-конференција на која беше претставена #МојаНаграда.
Како што рече министерката за финансии, добитниците на дневна основа ќе се извлекуваат софтверски преку електронски генератор и ќе бидат известени преку самата апликација „МојДДВ“. Тие ќе добијат известување колкава награда добиле или доколку не добиле награда ќе добијат едукативна порака. Оние кои при скенирање на сметките нема да добијат дневна награда, ќе учествуваат во извлекувањата на месечно ниво и на извлекувањата за премиите. Извлекувањата за месчените награди и за премиите ќе бидат јавни.
-Која е целта на #МојаНаграда? – Да биде засилување на мерката МојДДВ – која патем дава одлични резултати во сузбивањето на сивата економија. #МојаНаграда треба да ги мотивира луѓето да ги скенираат и оние сметки со помали суми на ДДВ, кои претходно не ги скенирале, како и да ги натера да продолжат да скенираат сметки откако ќе го надминат месечниот праг за поврат на ДДВ- рече Ангеловска.
Ангеловска рече дека при дизајнирањето на #МојаНаграда биле земени најдобрите практики од другите земји, од извештаи на Европската комисија. Таа посочи дека покрај сузбивањето на сивата економија, преку наградната игра ќе се врши и финансиска едукација на граѓаните и подигање на даночниот морал преку едукативни пораки.
Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска истакна дека мерката МојДДВ, на која се надоврзува наградната игра МојДДВ#МојаНаграда дава одлични резултати.
-Вкупно корисници на апликацијата заклучно 28 ноемрви има 184.728 корисници, скенирани се 39.584.924 фискални сметки. Остварен е промет од 19 милијарди 378 милиони денари. Вкупно остварена наплата на ДДВ од 5% и 18% од овој промет изнесува 2 милијарди 98 милиони 709 илјади денари. Вкупно оствареното право на поврат за време на цело време на траење на мерката изнесува 5 милиони 119 илјади евра. Просечната старост на лица кои скенираат фискални сметки е од 42-44 години, а најмногу скенираат лица на возраст од 35 години. Во скопските општини Аеродром, Кисела Вода, Центар и Карпош имаат најмногу лица кои скенираат фискални скметки, како и во Битола и во Штип-рече директорката Лукаревска.
Таа апелираше до граѓаните кои немаат внесено траснакциска сметка за поврат на ДДВ да го направат тоа.
Инаку организатори на наградната игра #МојаНаграда се Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и Државна лотарија на Македонија. Предвидени се вкупно 3.852 награди и тоа 1.468 награди по 1.000 денари, 1.101 награда по 2.000 денари, 1.101 награда од 3.000 денари, 180 награди по 100.000 денари и 2 награди по 3 милиони денари.