СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ ги информира превозниците кои транспортираат стока за Турција со ТИР карнет дека од денеска задолжително мора да поднесат информација, односно електронска преддекларација ТИР-ЕПД, пред пристигнувањето на возилото во турската царинска територија.
Според известувањето до АМЕРИТ од Меѓународната унија за патен транспорт (ИРУ) и Царината на Турција, таа новина е поради промена во турското национално законодавство и е обврзувачка за сите патни превозници кои патуваат или транзитираат низ Турција.
– Електронската преддекларација мора да биде доставена до царинската испостава на влез во Турција, а во спротивно ТИР карнетот нема да биде прифатен од турските царински органи. Доколку преддекларацијата се достави по пристигнувањето на возилото во царинската територија на Турција тоа ќе биде предмет на контрола согласно анализата на ризик. Како што се наведува во циркуларниот допис од Турската царина ќе се применуваат казни (санкции) за сите транспортери, кои ќе пристигнат на границата без однапред доставена информација, соопшти СИЗ Македонија сообраќај – АМЕРИТ, која е национален гарант на ТИР системот во Република Македонија.
Ги информираат македонските патни превозници кои се ТИР корисници дека испраќањето на ТИР-ЕПД е бесплатно. Доколку не се регистрирани во системот, или им треба помош при испраќање на ТИР-ЕПД да се информираат кои шпедиции можат да ја испратат информацијата или да се јават на телефонскиот број: 02 3298 967, локал 106 и 108.
Со ТИР-ЕПД апликацијата можат да испраќаат информација пред пристигнување на возилото на царинските територии на: Австрија, Авганистан, Белорусија, Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Финска, Франција, Грузија, Германија, Грција, Унгарија, Иран, Италија, Казакстан, Киргистан, Латвија, Литванија, Македонија, Молдавија, Холандија, Полска, Романија, Русија, Србија, Словачка, Словенија, Турција, Украина, Узбекистан.