Во Африка живеат 55 милијардери, а речиси половина од нив се наоѓаат во Нигерија, се наведува во ранкингот што го направи американскиот магазин „Венчр“ (Ventire).
Африка брои многу повеќе милијардери отколку што обично се мислеше, додека сиромаштијата и натаму расте, открива магазинот во својата најнова студија. Меѓу 55 најбогати Африканци, дури 20 се од Нигерија, а меѓу нив три четвртини се од врвот на списокот, пишува швајцарскиот весник „24 часа“.
Јужна Африка и Египет го заземаат второто и третото место, со девет и осум милијардери, што е респективна бројка.
Според ова истражување, нигерискиот бизнисмен Алико Данготе, е најбогат Африканец, и тоа веќе повеќе години наназад, а неговото богатство се проценува на околу 20,2 милијарди долари. Овој мултимилијардер, кој богатството го стекнал со цемент, денеска поседува вистинско индустриско царство што опфаќа мелници, фабрики за шеќер и останати прехрамбени производи.
Најбогатата Африканка, Фолоруншо Алакија, исто така, е од Нигерија и се наоѓа а чело на нафтената компанија „Фамфа Оил“.
Петмината најголеми милијардери на Јужна Африка се белци, постари од 60 години, а се збогатиле во финансиски трансакции и трговија. Најголем дел од приходите сега ги остваруваат од инвестиции во странство, пред се, во Лондон, Њујорк и Цирих.
Јужноафриканецот Ники Опенхајмер, петтиот на списокот на најбогати луѓе во Африка, чиј имот вреди околу 6,5 милијарди долари, своето богатство го должи на рудниците за дијаманти што ги наследил од семејството.
Големо мнозинство од нигериските милијардери своето богатство го стекнало на нафтата, бидејќи Нигерија е првиот производител на „течното злато“ на континентот.
Во студијата, исто така, се наведува дека Африка има се повеќе изразито богати луѓе, а повеќе земји од континентот бележат економски раст и покрај светската криза, но сиромаштијата сепак не се намалува.
Според податоците на Светската банка, во Субсахарска Африка која во 1981 броеше 205 милиони екстремно сиромашни (со приход помал од 1,25 долари дневно), во 2010 година имала двојно повеќе сиромашни, односно околу 414 милиони.