Илјада најбогати жители на Британија поседуваат 658 милијарди фунти

Од:

Илјада најбогати лица од светот на финансиите, бизнисот, забавата и спортот во Велика Британија заедно поседуваат богатство што се проценува на рекордни 658 милијарди фунти, што е за 14 отсто повеќе во споредба со 2016 година, покажува најновата традиционална листа на „Сандеј Тајмс“.

Според составувачите на листата, најбогатите продолжуваат да се богатат и покрај стравувањето на обичните Британци од последиците врз нивниот стандард поради Брегзит, па на годинешнава листа има рекорден број од 134 британски милијардери или 14 повеќе од минатата година.

Први на оваа листа се браќата Сри (81) и Гопи (77) Хиндуџа, финансиери во секторот за нафта и гас, недвижности, автомобили, ИТ, енергетика, медиуми, банкарство и здравство, со вкупно богатство од 16,2 милијарди фунти. Годинешново нивно богатство е поголемо за нови 3,2 милијарди.

На второ место е американскиот бизнисмен од украинско потекло Лен Блаватник со 15,9 милијарди фунти, кој меѓу другиот имот и бројните инвестиции го поседува и „Ворнер Мјузик“.

Третото место на оваа британска листа го имаат други двајца браќа, Дејвид (78) и Сајмон (76) Рубен со 14 милијарди. Тие минатата година беа први.

Некогаш уверливо најбогатиот човек во Велика Британија, Лакшми Митал, кој претрпе голема загуба во текот на банкарската и финансиската криза во 2008 година, сега е четврти на листата на најбогатите со 13,2 милијарди, но во споредба со 2016-та, годинава тој е побогат за шест милијарди фунти, што претставува најголем скок на богатството од сите на годинешнава листа.

На петата позиција, овојпат е Русинот Алшер Усманов со 11,8 милијарди. Во британската јавност тој е најмногу позат по тоа што располага со 30 отсто од акциите на лондонскиот клуб „Арсенал“, но во светот на бизнисот го знаат како „кралот на рударството“, а има инвестиции и во разни други сектори.

Некогаш во самиот врв, другиот Русин во листата на 20 најбогати, Роман Абрамович, сопственик на „Челзи“, сега е на 13 место со богатство од осум милијарди, кои доаѓаат главно од нафтата и од индустријата.

Единствен на листата на десетемина најбогати, кој е роден во Велика Британија е војводата од Вестминстер, 26-годишниот Хју Гровенор, со богатство 9,5 милијарди фунти во недвижен имот. Тој е познат како „сопственик на дел од центарот на Лондон“.

Минатата година тој го наследи семејното богатство, по смртта на неговиот татко и сега е најбогат во светот за оние под 30-годишна возраст.

Првите 20 од листата на илјада најбогати заедно имаат богатство од безмалку 192 милијарди фунти, кое годинава е поголемо за 35 милијарди во споредба со она во минатата година.

Според „Сандеј Тајмс“, ако минатата година за влез во листата на најбогатите беа доволни 103, сега се потребни 110 милиони фунти.

Би можело да ве интересира

Британците повеќе не ја сметаат Германија за сигурен сојузник

Велика Британија: Полицијата нуди 23.000 евра за помош за апсење на напаѓачот од Клепам

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Бурата Иша ја погоди Британија, откажани летови, илјадници домови без струја

Хорор во Англија: Пронајдени четири тела во куќа во Костеси

А1он

Ковачевски: Со законот за рестриктивни мерки ќе бидат опфатени наши ентитети, санкционирани од САД и Британија

А1он

Кое оружје го користеа САД и Велика Британија за да ги нападнат Хутите

А1он