Во март 2016 година ќе стартува обновата на конаците во манастирот трескавец

Од:

Во средината на декември годинава ќе се знае изведувачот за обновата на опожарените конаци на манастирот Трескавец кај Прилеп, врз основа на распишаниот тендер кој ќе трае до 9. декември, информираат од прилепскиот Завод и Музеј.

– Проектот за обновата на конаците е готов, го добивме конзерваторското решение и сега треба да се избере изведувачот. Кон средината на декември, ако се одвиваат работите според роковите, треба да се знае изведувачот кој веднаш ќе почне со подготовка на теренот, изјави денеска директорката на музејот, Гордана Данилоска Спироска.

Големите градежни работи за обновата на конаците, зафат вреден околу 157 милиони денари, финансиран од државата, се очекува да почнат во март наредната година.

– Според планот на Министерството за култура конаците треба да бидат готови до 2018 година. Во меѓувреме се работи на проектите за реконструкција и конзервација на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ и трпезаријата и на проектот за магерничкиот конак, магерницата и камбанаријата кои ќе бидат готови кон крајот на годинава, а в година за нив ќе се распише тендерот за изведувач, објаснува Данилоска Спироска.

Со обновата на конаците на манастирот Трескавец ќе се врати нивната автентичност и тие треба да изгледаат онака какви што биле пред пожарите од 2013 и 1990 година.

– Проектот го работевме врз основа на стари фотографии, од кои една е најстара и датира од средината на 19. век на која е сликан прилепскиот еснаф. Од фотографијата се гледа дека  западниот и северниот конак се затворени, вели Данилоска Спироска.

Во подготовката на проектот најмногу време се потрошило на заштитата на конаците од нови огнени стихии. Секој конак секторски е одвоен со бетонски ѕидови и огноотпорни врати за евентуален пожар да не може да се прошири и да ги уништи конаците како досега во два наврата последните 25 години. Предвиден е и нов систем на гасење на евентуален пожар.

– Проектот за заштита од пожари предвидува гасење на евентуалните огнени стихии со инертен гас за да не се уништува мебелот и внатрешноста на конаците, нагласи директорката на прилепскиот „Завод и Музеј“, Гордана Данилоска Спироска.

Последниот пожар на 4. февруари 2013 година целосно ги пеплоса конаците на манастирот Трескавец. Во меѓувреме до манастирот е изграден асфалтиран пат кој многу ќе ја олесни обновата на манастирските конаци.

Би можело да ве интересира

Археолошките истражувања на Трескавец го потврдуваат милениумското светилиште и како урбана населба

ВИДЕО: Спасени се две туристки од Полска кои паднале во пресек од карпа над провлија кај „Трескавец“

Мариово и Трескавец меѓу петте финалисти за најдобра европска филмска локација

Жарко Настоски

Манастирот Трескавец се обновува според предвидената динамика

Ана Ололовска

Се бараат доброволци за гаснење на пожарот кај Трескавец

Наум Локоски

ЦУК: Повторно е активен пожарот во близина на Трескавец

Наум Локоски