Весник „Илинден“: Македонија на географски карти во картографската збирка на Националната библиотека на Албанија

Од:

Единствениот печатен медиум на македонски јазик, весникот „Илинден“,кој има и електронско издание, објави текст во кој се користат податоци од картографската збирка на Националната библиотека на Албанија во Тирана и географски карти за Македонија.

-Македонија како земја со исклучително богато културно и историско минато претставува крстопат на различни култури и цивилизации и секогаш била интересна тема на картографите. Со својата географска местоположба Македонија отсекогаш била во самиот епицентар на настаните и таа била претставувана во најраните географски карти кои претежно имаат географско-историски карактер, а помалку политички, стои во написот на весникот.

Се додава дека повеќето стари карти на Македонија се изработени за академски и универзитетски потреби и нивната реализација е на највисоко ниво за тогаш можните картографски вештини.

-Со оваа објава ги поттикнуваме македонските академски граѓани, младите научници и студенти како и сите поединци кои се интересираат за историјата на Македонија да ја користат картографската збирка на Националната библиотека на Албанија во Тирана која конечно дигитализира голем број ракописи, ретки книги и географски карти од својата богата збирка и оваа година овозможи непречен пристап до овој архивски фонд, наведува весникот „Илинден“.

За написот одбира три географски карти печатени во различни периоди. Првата карта е под наслов Македонија татковината на Александар Велики со илустрации (Macedonia Alexandri M[agni]. Patria Illustris[simi].

Таа е испечатена (во техника гравура на хартија, обоена и илустрирана) во 1650 година во Амстердам (Холандија) од германскиот математичар и картограф Јоханес Вилхелм Лауренберг (1590-1658). Издавачот не е познат. Картата е со димензии 59,5 x 43 cm и се чува под следната сигнатура: Albh 2 B 29.

На втората карта пишува Македонија (La Macedonia). Оваа карта е испечатена (во техника гравура на хартија) во 1689 година во Рим (Италија) од издавачот Џовани Ѓакомо де Роси, а автор е познатиот италијанскиот картограф Џакомо Кантели. Картата е со димензии 62×48 cm и се чува под следната сигнатура: Albh 2 А 29

На третата карта стои: Правецот на движење на експедицијата на Александар Велики, кралот на Македонците (Regnum Alexandri Magni regis Macedonum et eius expeditionum cursus).

Картата е во литографска техника гравура на хартија (втисок од врежана челична плоча и обоена) и печатена е во 1849 година во Нирнберг (Баварија) и истата е дело на познатиот германски историчар, класичен филолог и специјалист за латинска епиграфика професор Карл Готлиб Цумпт (1792-1849). Издавач е Фридрих Вивег & Синот од Брауншвајг. Картата е со димензии 48х25,5см и се чува под следната сигнатура: Albh 2 A 31.

Во написот стои и адресата на дигиталната библиотека:https://bibliotekadigjitale.bksh.al/iiif/?c=collections!harta.

Би можело да ве интересира

Истакнати жени владетелки и хероини од антиката

Ана Ололовска

Најстарата географска карта на Европа пронајдена во Бретања

Ана Ололовска

Познати историски личности чии гробови никогаш не се пронајдени

Ана Ололовска

Познатата Таписерија од Бајо оди на реставрација

Ана Ололовска

Клучот од занданата во која починал Наполеон, продаден за 92.000 евра

Ана Ололовска

Пештерските луѓе во Калифорнија земале халуциногени супстанци

Ана Ололовска