Во Музеј на Град Скопје утре, со почеток во 20 часот, ќе биде отворено 12-тото издание на Биеналето на македонска архитектура, кое ќе трае до 19 мај, а на кое ќе се претстават околу 90 селектирани труда од областа на архитектурата.
Темата на биеналето е „Паралелни светови“
-Во претходните години многу се пишуваше и многу се говореше околу архитектурата. Но сето тоа беше ограничено на една тема: проектот Скопје 2014 . Проект во дел на една општина, во еден главен град, во една држава. Тоа е некој Проект 2014, кој неправедно му го залепивме на Скопје како целина. Темата на БИМАС 2014 „Паралелни светови“ само изгледа како да се однесува токму на тој и само на тој паралелен свет, кој на очиглед на сите нас, направи вртоглав упад во архитектурата во центарот на нашиот главен град. Но, дали е тоа единствениот паралелен свет, гледан од аспект на архитектурата, и дали тој во моментов е воопшто важен. Проектот „Скопје 2014“ направи само институционализирање на самоволието кое царува кога не постои систем на правила и вредности, вели Мартин Пановски, претседател на организационен одбор на БИМАС 2014
Според него во услови кога не постојат правила, не може да постои систем, а архитектите не можат достојно да се занимаваат со својата професија и се маргинализирани
– Крајниот резултат е општата лоша слика, вели Пановски.
БИМАС е единствената манифестација во Македонија која го презентира архитектонското творештво и која ги собира и запознава архитектите.
– 12. Биенале на македонската архитектура се одржува во еден можеби најделикатен момент во архитектонското творештво, момент кога е многу важно многу да се зборува за архитектура, момент кога се создава архитектура која ги игнорира архитектите и се брани од нив, момент кога паралелно се создаваат дава сосема спротивни света, две сосема различни слики. Нашиот свет е помал, помалку моќен, нивниот свет не го познаваме. Тие два света се две страни на еден ист град. Град кој никогаш не излегол на крај со нужноста за својот развиток. Архитектите се пред големо искушение да создадат архитектура, а да се борат и со паралелниот свет и со уште еднен друг свет во кој архитектурата неретко се доживува во вид на приватна вила која треба да личи и на црква и на трговски центар.
Насекаде е присутно чувството на потрошувачкиот однос кон стварноста и мнозинството од информации на кои сме изложени доведува до слабеење на можноста за критика и расудување.
Неретко поради профитабилност, а и незнаење, сликите, визуелизациите, сензационалистичките ефекти на архитектурата рефлектираат вредности на потрошувачки иделаи. Дали во тие случаи архитектурата треба да се сваќа како потрошна стока? Природата на архитектурата е контрадикторна со логиката на потрошувачкото општество, вели Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ, претседателка на Асоцијацијата на архитекти на Македонија
Според неа, архитектирата не смее да се омаловажува, поедноставува, упростува, маргинализира, сведува на слика, дизајн, плакат, парола.
А.Б.