Се реконструира главниот конак на „Св Пантелејмон“, ќе се аплицира за листата на УНЕСКО

Од:

Создадени се сите предуслови за да се отпочне подготовка за впишување на црквата „Св. Пантелејмон“ во скопско Нерези, изградена во 12 век, на листата на УНЕСКО, изјави денеска министерката за култура Ирена Стефоска.

Таа тоа го соопшти по посетата на манастирскиот комплекс „Св. Пантелејмон“, каде што заедно вицепремиерот Љупчо Николовски, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, директорот на Бирото за регионален развој Рамиз Реџепи, поглаварот на МПЦ– ОА г.г. Стефан и градоначалникот на општина Карпош Стефан Богев, извршија увид во работите на реконструкцијата на главниот конак, за што се предвидени шест милиони денари.

– Пред овој светилник, кој како да бдее над Скопје, се радувам што со враќањето на автентичноста на главниот конак, манастирскиот комплекс го добива својот заслужен и единствен лик. Оваа прекрасна црква и по многу нешта особена. „Св. Пантелејмон“ е и споменик на културата, истакна министерката Стефоска.

Таа, повикувајќи се на расположливи информации, рече дека во доцните 70-ти години од минатиот век, бил направен обид за впишување на црквата на листата за културно наследство на УНЕСКО, но, тоа не се случило.

– Верувајќи дека денес се создадени сите предуслови за повторно аплицирање, ја преземам одговорноста и честа, заедно со Националниот совет за културно наследство, како и за црквата во Курбиново, да ја отпочнеме подготовката за впишување на листата на УНЕСКО и на оваа црква од 12 век, „Свети Пантелејмон“ во Нерези, изјави Стефоска.

Таа најави дека во УНЕСКО ќе се аплицира и со други споменици на култура.

Градоначалникот на општина Карпош Стефан Богев соопшти дека заедно со МПЦ-ОА аплицирале со проект за манастирскиот комплекс во Бирото за регионален развој при Министерството за локална самоуправа, од каде што им бил одобрен проектот, за кој добиле шест милиони денари.

– Во тек е реконструкцијата на главниот конак на манастирскиот комплекс Св. Пантелејмон во Горно Нерези. Се работи за комплетна промена на прозорците, вратите и подот, реконструкција на кујните и санитарните јазли, односно тоалетите. Нешто што навистина ќе го стави во функција манастирскиот главен конак, кој долго време не функционираше. Манастирскиот комплексот сега е токму тоа што треба да биде. Ги нема повеќе кафеаните. Тука веќе не се вршат угостителски дејности. Манастирскиот комплекс заслужува внимание, бидејќи тој не е само симбол на општина Карпош и градот Скопје, туку и на цела држава, како културно наследство заштитено со закон, истакна Богев.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски соопшти дека се одлучиле да го одобрат проектот оти манастирот е многу важен не само за општина Карпош, туку и за Скопје.

– Овој манастирски комплекс се наоѓа и на знамето на општина Карпош. Со негова реставрација и реновирање, ќе му се даде неговата првобитна улога, а со тоа ќе се зголеми и бројот на туристи. Тие кои го посетуваат градот Скопје, ќе можат да дојдат и да видат знаменитости изградени од 12 век. Ние сме должни него да го оставиме на идните поколенија, рече Милевски.

Би можело да ве интересира

Вандализирана црквата „Свети Атанасиј“ на тетовско Кале

На црква на тетовско Кале поставено знаме на Албанија

Горан Наумовски

Ограбен е манастирот „Св.Јован Крстител“ во скопското село Љубанци

Расчинет свештеник крстел и венчавал со „благослов“ од г.г. Стефан: Венчаните се невенчани, крстените некрстени

Орце Костов

На дело е фатен арамијата кој ја ограби црквата „Св.Архангел Гаврил“ во Гази Баба

(ВИДЕО) Г. Јаков: Имаме должност да ги заштитме децата и семејството

А1он