Почнува вевчанскиот Фестивал за народна култура „Пображење“

Од:

Околу 500 уметници од повеќе држави ќе ја презентираат својата култура на деветтиот Фестивал за народна култура „Пображење“ во Вевчани, кој почнува денеска. Фестивалот е во организација на Културно-уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани.

Фестивалот почнува вечерва во Домот на културата со презентација на етнолошки документарни филмови. Како учесници оваа година со свои авторски дела ќе се претстават: Владимир Боцев ( „Возот за Мартолци“), Елзи Иванчич Дунин и Даниел Петровски ( Са О Рома ) и Бојан Петковски ( филмувана реконструкција „Лазарице“).

Свеченото отворање е утре на летната сцена, а во наредните денови својот фолклор ќе го презентираат македонски ансамбли и фолклорни ансамбли од Германија, Естонија, Словачка, Хрватска, Полска и Србија.

Покрај сценско-уметничката презентација на хорската, инструменталната и вокалната култура, во рамки на фестивалот секоја година се реализира и програмската содржина „Народната култура во Вевчани, инспирација за ликовните уметници“. Учесник оваа година е Аница Китаноска-Вевчанска, студент на Академијата за убави уметности во Равена, Италија.

– Во Вевчани овие денови се подготвува и слави Преображението Христово, слава на населбата, па затоа пред години одлучивме таквата празнична радост да ја збогатиме со дополнителни весели содржини кои позитивно ќе влијаат на таа празнична атмосфера, како и на целокупното живеење во Вевчани. Одлучивме тоа да се содржини од народната култура бидејќи токму тие ги отсликуваат традиционалните духовни и материјални вредности на еден народ. На Вевчани му прилегаат настани кои имаат за цел да ја зачуваат традицијата. Вевчани низ вековите го докажал тоа, токму затоа целта и на овој фестивал е да ја афирмира македонската духовна култура и традиција, да овозможи запознавање со народната културата на други земји низ светот, а воедно да ја збогати туристичката понуда на општината, изјави Тошо Чочороски, претседател на КУД „Дримкол“ од Вевчани.

Стручниот совет на фестивалот во состав Мирјана Мирчевска, Велика Стојкова – Серафимовска, Даворин Трпевски, Јовица Блажески и Наташа Кукоска ќе ги оценуваат сите ансамбли, а за најдобриот ансамбал организаторот доделува плакета „Чувари на традиција“.

Фестивалот завршува на празникот Преображение Христово, на 19 август, со етно звуците на Вокално-инструменталниот состав „Аманет“ од Скопје и Фолклорниот ансамбал при Центарот за традиционална култура од Вараждин, Хрватска.

Фестивалот е под покровителство на Министерството за култура и Општина Вевчани.

Би можело да ве интересира

Обвинителството ги утврдува причините за смртта на седумесечното бебе од Вевчани

Почина седумесечно бебе во болница во Охрид: Паднало од кревет во домот во Вевчани

A1on

Во Вевчани: Маж со пушка пукал кон домашни миленици

Приведен вевчанец, пукал со пушка во домашни кучиња

СДСМ: Градоначалникот на Вевчани и ВМРО-ДПМНЕ се неспособни да поднесат навремена апликација за финансирање на Карневалот

Ана Ололовска

Влајнкиноски: И покрај опструкциите од СДС-ДУИ и од Костадиновска и оваа година Вевчански карневал ќе има

Ана Ололовска