Македонски ликовни изложби го отворија „Солеј” во Созопол

Од:

Со две македонски ликовни изложби синоќа беше отворен 7. Фестивал на франкофонијата „Солеј” во Созопол, Република Бугарија.

Културно-информативниот Центар на Република Македонија кој трета година по ред е партнер и редовен гостин на овој Фестивал, годинава понуди три културни содржини. Најпрво беше отворена изложбата „Поврзување”, на која со преку педесетина дела, работени во различни ликовни техники, се претставија уметниците Иво Пецов, Марјан Ѕин, Маријана Иванова, Ице Огненовски-Мерко, Зоран Мише, Слободан Милошески, Горан Тричковски, Иван Стоименов, Павел Целкоски и Перица Георгиев-Пепси.

Во вториот дел од програмата беше отворена и ликовната изложба „Охридски филиграни” од авторката Мирјана Николоска. Преку триесетина дела работени на традиционален начин, со срма, монистра и охридски бисер, предизвикаа голем интерес, исто како и „Поврзување”.

Изложбите ги отворија директорката на Фестивалот Александрина Исаилова, претседателката на Советот на Општина Созопол Красимира Германова и директорот на нашиот Центар во Софија, Васко Шутаров. На настаните присуствуваа амбасадори на земјите учеснички на фестивалот и бројни ликовни и културни работници од Созопол.

Седмиот Фестивал на Франкофонијата во Созопол ќе трае до 8 јуни, со културна програма од Франција, Белгија, Швајцарија, Романија, Грузија, Либан, Мароко, Македонија и Бугарија. Утре Македонија ќе биде претставена и со пијано рецитал на Мимоза Ќека, која на програмата ќе изведе дела од француските композитори Морис Равел и Клод Дебиси.

Би можело да ве интересира

Бугарската амбасада во Албанија донираше во општина Пустец: „Секоја донација без задни намери е добредојдена“

А1он

Бугарија гради база за прием на авиони Ф-16

ВИДЕО: Бугарија повторно има преодна влада, на избори оди на 9 јуни

Романија и Бугарија делумно влегоа во Шенген зоната

Нов земјотрес ја стресе Бугарија

Бугарија оди на нови избори