Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) е против измените во законот за задолжително социјално и здравствено осигурување и не ги поддржува истите.
„Ликовните уметници, членови на ДЛУМ, често работат за хонорарен надоместок. Со додатните давачки се скратуваат веќе скромните средства за реализација на проекти. На тој начин, се обременува и онака незавидната состојба на ликовните творци. Со новите законски измени, вредноста на уметноста се занемарува и девалвира. Лично право на секој граѓанин е правото на избор, да плаќа или не плаќа придонеси“, соопшти ДЛУМ со што го поддржа заедничко барање за подобри решенија за подобрување на статусот на хонорарците, кои ќе ја земат предвид специфичноста на дејноста на ликовните творци.