Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“, која секое лето се организира во живописното Вевчани доби интернет страница www.artcolony.mk.
За време на петгодишното постоење, откако низ Ликовната колонија продефилираа повеќе од педесетина уметници, беа објавени десетици печатени публикации и организирани поголем број изложби. Со етаблирањето во интернет просторот дополнително се афирмира проектот, културата, но и Вевчани.
Општина Вевчани информира дека интернет страната има македонска и англиска верзија, а на неа можат да се најдат информации за историјатот на колонијата, фотографии од сликарите и од делата од 2010 до денес, електронска верзија на изработените каталози, како и соодветна контакт форма за комуникација со заинтересираните лица.
– Целта на колонијата е да претставува простор каде секоја година ќе се обединат голем број светски признаени уметници, кои инспирирани од убавините на Вевчани и неговите извори, ќе ја промовираат соработката и почитта меѓу народите и државите и ќе создаваат уметнички дела кои ќе придонесуваат за поголемо меѓусебно запознавање и зближување, соопшти општинската прес-служба.
Изминатите години со слики од Колонијата беа организирани голем број изложби, меѓу кои во Подгорица – Црна Гора, Софија – Бугарија, во Скопје и низ други градови во Македонија, кои предизвикаа голем интерес кај ликовната публика, но и кај пошироката јавност.