Министерката за култура Елизабета Канческа-Милеска вечерва пристигна во Прилеп за целосно да се информира за состојбата со манастирот „Трескавец“ по големиот пожар што денеска го зафати комплексот во кој изгореа конаците.
– Сакам да изразам огромно жалење за овој денешен немил настан кој се случи на манастирскиот комплекс „Трескавец„. Веднаш по информацијата заедно пристапија претседателот на државата, Владата, Армијата, општината и целиот град за да се помогне во гаснењето на пожарот. Изгореа конаците, но значајно е тоа што се сочуваа црквата која датира од 13. век и трпезаријата од 14 век, изјави министерката Канческа-Милеска.
Таа додаде дека веднаш ќе се направи план за да се обнови манастирот и оти во моментов стручните лица од прилепскиот Завод и музеј вршат увид на лице место.
– Утре ќе доставиме целокупна информација до Владата. Ќе има акциски план за брза санација и реконструкција на опожарениот дел. Веднаш ќе се изработи проект и преку надлежните институции веднаш ќе пристапиме да извршиме брза санација и реконструкција за да се вратат автентичноста и сјајот на конаците што изгореа, изјави Канческа-Милеска.
Последиците од денешниот пожар емотивно ги доживува и владиката Климент кој потсетува дека и пожарот пред 23 години беше ист.
– Изгореа конаците, а за среќа остана црквата „Успение на пресвета Богородица. Срцето на манастирот е спасено. Тажна е сликата која денеска дојде до очите на секој човек со добра волја. „Трескавец“ изгледа на едно големо пеплосано тело, но, фала му на Бога, и на Мајката Божја што во целиот тој пепел живо е срцето, жива е црквата, остана трпезаријата. Кога е жив храмот Божји и кога е жив народот божји што го чини храмот, се надеваме дека во таа пепел ќе изникне манастирот како феникс сето она што е градено со векови, а денеска за неколку часа беше зафатено од пламените јазици, вели вадиката Климент.
Тој порача сите заедно да помогнат за повторно да се врати поранешниот сјај на манастирот.
Владиката Климент вели дека првично пожарот почнал од гостинска соба. – Првични сознанија се дека пожарот почнал во гостинска соба и се ширел кон монашкиот конак. Во моментот на избувнувањето во манастирот биле искушеникот Калист и еден гостин, изјави владиката Климент.
Општина Прилеп за утре закажа вонредни седници на Општинскиот и на Економскиот совет. Пред 23 години прилепчани заедно со сите во Македонија го издигнаа манастирот, така ќе биде и овој пат, уверува градоначалникот Марјан Ристески.
– За прилепчани манастирот „Трескавец“ значи многу. Потресно беше да се гледа како горат конаците. Но уверен сум дека сите заедно повторно ќе го обновиме. Сега е битно да се констатира состојбата, полека да се расчистува теренот и да се најде фирма изведувач на работите, изјави Ристески упатувајќи апел за обновата на манастирот да се придружат сите, не само од Прилеп.
Инаку противпожарните екипи, доброволците ќе останат на манастирот „Трескавец“ се додека огнот целосно не се изгасне.