Фатих Акин во Битола: Не го сакам холивудскиот стил на претставување на сериските убијци како секси и интелигентни

Од:

Не го сакам холивудскиот стил на претставување на сериските убијци како секси и интелигентни, рече режисерот Фатих Акин говорејќи во Битола во рамките на фестивалот „Браќа Манаки“, каде што се осврна на својот најнов филм „Златна ракавица“, што публиката имаше можност да го проследи синоќа на Фестивалот. Тој денеска под модераторство на директорката Гена Теодосиевска одржа мастер-клас, на кој присуствува и кинематограферот Рајнер Клаусман, со кој заедно соработуваат повеќе од 15 години.

Акин пред голем број присутни новинари, филмаџии и гости во Центарот за култура во Битола рече дека во главата на неговиот сериски убиец, кој е прикажан во „Златна ракавица“, нема ништо, а во моментот тој сака да се занимава со ништото.

Познатиот режисер со турско потекло објасни дека филмот го снимал според романот, а настанот со серискиот убиец во Хамбург се случувал во неговото соседство. Запрашан како ја објаснува индиферентноста на околината на серискиот убиец и можноста тој да дејствува цели 5 години и дали таков случај може да се повтори денес, Акин изрази верување дека тоа е можно.

„Јас и ден-денес живеам во истиот тој кварт и за разлика од порано кога беше третиран како гето на имигранти, денес е модерен дел од Хамбург. Тогаш никој не би се осврнал на забелешките на турските гастарбајтери дека нешто ужасно смрди во соседниот стан бидејќи тогаш би им рекле дека самите Турци смрдат“, рече Акин пред присутните во салата.

Во разговорот што траеше речиси еден и пол час режисерот отворено говореше за своите почетоци во кариерата, инспирацијата и соработката со актерите. Рече дека сака да учи нови работи и смета дека најдобрите нешта што може да му се случат во животот на човека се разните искуства. За работата со светската актерска ѕвезда Дијане Кругер во филмот „Од никаде“, Акин вели дека таа на некој начин ја спасила неговата кариера, која во тој момент имала надолна линија. Но, од друга страна, и Акин на некој начин ја спасувал нејзината кариера во тој период.

„Секој режисер на почетокот мисли дека е најдобар и тој егоизам не е лоша работа бидејќи потекнува од неговиот начин на живеење во младоста, неговите пријатели. Во младоста имав други инспирации, денес имам други“, вели Акин.

Тој со кинематограферот Клаусман има снимено 8 играни филма, почнувајќи од „Солино“ во 2002 година. Со филмовите „Со глава во ѕид“, „Работ на рајот“, „Соул кичен“, „Раз“, „Збогум, Берлин“ и „Од никаде“, Акин како режисер освојуваше награди на престижните фестивали во Венеција, Кан, Берлин.

Би можело да ве интересира

Venom 3 доби официјално име и датум на излегување

Предраг Петровиќ

Се снима краткиот игран филм „И покрај сè“

Филмот „Dune: The Second Part“ заработи над 200 милиони долари за само три дена

Уапсен маж осомничен за неовластена дистрибуција на филмот „Недела“

Бен Афлек го откри најлошиот филм во кариерата

Скорсезе снима нов филм за Исус кој нема да трае три часа: Се обидувам да ја доближам религијата до луѓето