Доделени преведувачките награди „Драги“ за 2026 година, Борислав Павловски ја доби интернационалната награда

Од:

Во аулата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, денеска беа доделени преведувачките награди „Драги“ за 2026 година.

На настанот, деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Владимир Мартиновски, изрази задоволство што манифестацијата повторно го афирмира значењето на преведувачката дејност и наследството на Драги Михајловски.

– Наградата обично ја доделувавме на самиот почеток од учебната година, така како сефте убаво да тргне годината со повикувањето на споменот на нашиот драг колега, учител, професор на многумина модел за преведувањето – Драги Михајловски. ​Но, оваа година, новост е што тоа го правиме на неговиот роденден – посочи деканот.

Тој истакна дека Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ навистина се гордее што е партнер на оваа значајна манифестација поврзана со Драги Михајловски.

-​ Првите години во фокусот беа дела пред сѐ од доменот на прозното творештво, а еве еден новитет оваа година е што во фокусот беа преводите од доменот на поезијата, во однос на преводите од други јазици кон македонски, особено ако имаме предвид дека Драги Михајловски навистина беше брилијантен и во преводот и на поезијата и на прозата, но дека поезијата сепак имаше привилегирано место во неговиот преведувачки опус – нагласи тој.

Прво му беше доделена интернационалната награда „Драги“ на проф. д-р Борислав Павловски од Хрватска. Како што беше соопштено претходно, со одлуката на жирито, интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на книжевно дело напишано во оригинал на македонски јазик, му се доделува на Павловски за преводот на хрватски јазик на романот „Бајазит и Оливера“ од Драги Михајловски, објавена од издавачката куќа „ТИМ прес“ од Загреб.

На настанот, меѓу другото, беше посочено дека преведувачот со голема јазична чувствителност и книжевна прецизност успева да го пренесе богатството на авторскиот израз, започнувајќи и зачувувајќи ја неговата ритмичност, стилска особеност и емоционална длабочина.

– Посебна вредност на преводот е способноста да се воспостави природен и уверлив книжевен јазик, што не само што верно го следи оригиналот, туку и самостојно функционира како книжевен текст преку внимателен избор на зборови, прецизно пренесување на нијансите и чувството за историскиот и културниот контекст – беше кажано пред присутните.

Потоа го соопштија и другиот победник – Ана Пејчинова за препевот од англиски јазик на „Избрани песни“ од Радјард Киплинг, издание на „Полица“, 2024 година.

Во образложението, што беше прочитано на настанот, се вели дека преводот успешно се справува со најчестите преводни проблеми што Киплинговата поезија ги поставува пред преведувачот на македонски јазик – прозодијата, регистрите, реториката, реалиите и идеолошката сложеност.

– Поконкретно, песните се пренесени со зачуван ритам и рима, и во долгите балади. Силниот, речиси марширачки ритам на изворникот е пренесен со акцентски стих со трохејско-дактилски пулс. Онаму каде што македонскиот стих неизбежно се шири, движењето на изворникот го носат императивите на почетокот на стихот. Најсилниот белег на преводот е промената на регистарот од песна до песна. Ориенталниот говор на т.н. авганистански балади е пренесен со османлискиот лексички слој од македонскиот јазик. Кокни-говорот е доловен со македонски разговорен стил, а Киплинговата иронија е зачувана, и на места и изострена. Сѐ на сѐ, преводот постигнува ретка рамнотежа меѓу верноста кон смислата и верноста кон формата и покажува дека македонскиот јазик може да се носи со Киплинговиот стих со сите негови звуци и гласови. Со тоа, тој ја збогатува македонската преводна книжевност и нуди решенија што можат да бидат образец за идната преведувачка практика“ – беше кажано на настанот.

Наградата се состои од статуетка „Драги“ и паричен дел кој изнесува 40.000 денари.

Жири-комисијата за доделување на наградата работела во состав: акад. д-р Иван Џепароски -претседател, член одбран од организаторот, Владимир Цветкоски – член одбран од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Јана Михајловска – член одбран од семејството на Драги Михајловски.

– За наградата „Драги“ првично беа номинирани 24 дела во превод на македонски јазик на 27 преведувачи. Книгите се објавени од девет издавачки куќи, а преводите се направени од 12 различни јазици. Опфатени се дела – самостојни книги или избори од творештвата, на 22 странски автори, а кога ќе се земат предвид и двете антологии, вкупно беа опфатени дела од стотина светски поети. Првпат откако е основана оваа награда ќе биде доделена за превод на поетско дело, со што ќе се потполни голема празнина во нашата културна средина, а воедно и достојно ќе се чествува името на д-р Драги Михајловски, кој даде најголем придонес токму во препевот на книжевни дела во стих – беше кажано од организацијата на настанот.

Настанот е одржува на денот кога се одбележуваат 75 години од раѓањето на македонскиот писател, преведувач, есеист и универзитетски професор, Драги Михајловски, во чија чест е и основана оваа награда.

Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951 – 2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со препевите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше како на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор, така и на сите што се занимаваат со науката за превод.

Годинашното издание на преведувачките награди „Драги“ е реализирано од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и туризам и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.

Би можело да ве интересира

Борислав Павловски од Хрватска – добитник на интернационалната награда „Драги“ за преводот на „Бајазит и Оливера“ од Драги Михајловски

Левица: Две години Министерството за култура и туризам нема буџет за поддршка на преводи на македонски книги на странски јазици

A1on

Отворен е конкурсот за наградата за најдобар предов „Драги“ 2

Прогласени добитниците на 11. Меѓународни Медис награди за медицински истражувања

А1он

ССНМ и Томсон медија ги доделија наградите на ЕУ за истражувачко новинарство

Познати добитниците на највисоките признанија и награди на Општина Битола

Жарко Настоски