Мицкоски сега излегува на протест бидејќи следуваат избори. Во кампањата за претседателските избори тоа ќе се користи, ќе вели дека бил против уставните измени. Ова што го прави ВМРО-ДПМНЕ е симптоматично. Мицкоски на странците им вели дека нема им пречи во уставните измени, а во јавноста го лаже народот, вели лидерот на Единствена Македонија и еден од организаторите на протестите „Македонија блокира“, Јанко Бачев.
-Имавме едно вакво искуство од референдумот кога на самиот ден кога беше јасно дека нема да успее, Мицкоски рече дека нема да гласа што остава сомнеж за неговите намери. Тој откако виде дека „Македонија блокира“ имаше таква посетеност на протестот вчера, излезе со цел да си бара алиби помеѓу членството на партијата. Факт е дека членството на ВМРО-ДПМНЕ е против уставните промени, но Мицкоски на странците им зборува едно, кажува дека нема да им смета за промените, а во јавноста глуми пред членството дека го брани името, вели Бачев.
Лидерот на ЕМ вели дека доколку Мицкоски стварно бил против уставните измени треба да го повика целото членство на протест, така со сигурност истите ќе бидат стопирани.
-Тие како партија треба јавно да излезат и да го повикаат целото членство на протест. Доколку тука има 20 илјади луѓе ние ќе успееме во нашата намера да нема уставни промени, вели Бачев.
Тој додаде дека има и следна фаза односно алтернатива за стопирање на уставните измени доколку тие бидат изгласани, а тоа е претседателот Иванов. Според Бачев, претседателот има неколку опции да ги блокира уставните промени меѓу кои и непотпишување на донесената одлука.
Виктор Јованов