Од 15 до 31 декември Градот Скопје за граѓаните во главниот град подготви забава за новогодишните празници во новогодишната населба „Винтерленд“ на плоштадот „Македонија“.
„Во пресрет на новогодишните празници, претстојната недела е одлична можност да го посетите ‘Винтерленд’ и да уживате во новогодишната атмосфера со голем број забавни содржини и богата културно-забавна програма“, порачуваат од Град Скопје.
За љубителите на зимските спортови поставено е и бесплатното лизгалиште „ЕУ за тебе“.
Програмскиот дел денеска почнува во 17 часот со детската претстава „Лакомата меца“ и со улични забавувачи, а од 19:30 до 20 часот ќе се одржи натпревар во изработка на скулптури од дрво.
Вечерната музичка забава во Винтерленд почнува во 20 часот со настап на музичката група „Саут Парк“.