За Форумот за демократска Македонија (ФДМ) Законот за амнестија што македонското Собрание го донесе неодамна во врска со случувањата од 27 април, не претставува акт на национално помирување, туку амнестија во замена за поддршка за уставните промени.
-ФДМ се согласува дека е неопходно надминување на длабоките партиски и политички поделби во македонското општество, но цени дека Законот за амнестија не е соодветно решение во таа насока од неколку причини. Законот се донесе по скратена законодавна постапка и тоа за време на веќе отпочната и за многу обвинети лица речиси завршена, судска постапка, со формирани но се уште недокажани обвинителни акти. Уредувањето на поединечните постапки за амнестија преку поднесување барање од самите обвинети, мислење на јавниот обвинител и решение на судот ги става и обвинетите, и обвинителот и судот во тешка и правно нелогична позиција, оценуваат од Форумот за демократска Македонија.
Ослободувањето од одговорност на само една категорија учесници во настаните од 27 април, според ФДМ, воведува правна нееднаквост, бидејќи на пример, според Законот, лицата кои неовластено носеле оружје или распрскувачки материјали се подложни на кривична одговорност, додека пак лицата кои им помагале на организаторите на потешко кривично дело се амнестирани, што како што посочуваат од Форумот ги потенцира негативните последици од политичка интервенција во материја од надлежност на стручни казнено-правни органи.
Селективната амнестија, според ФДМ, не води кон помирување, ами кон понатамошни поделби во државата. затоа, потенцираат оттаму, помирување е возможно преку целосно утврдување на фактичката состојба, улогите и вмешаноста на разни чинители во настаните од 27. април, признавањето на вина и широк, отворен, јавен дијалог.