Фондот за здравствено осигурување утврди нова распределба на квотите за лекови за аптеките со кои Фондот има склучен договор. Новата распределба стапува на сила од 01 јануари следната година.
Со тоа, најголемиот број од аптеките, односно околу 500 аптеки од вкупно 778 аптеки со кои Фондот има склучен договор, од 01.01. ќе добијат рамномерно зголемување на квотите за околу 20.000 денари месечно по аптека.
„Сакаме да нагласиме дека сега со новата распределба сите аптеки добиваат фер услови за обезбедување на лекови на целата територијата на Република Македонија, што не беше случај претходно, бидејќи заради начинот на распределба на квотите во претходните години настанале и големи разлики во висината на износите на квотите на аптеките, а едно правно лице добивало и за 40 насто поголема месечна квота од просечната квота на сите останати аптеки во Република Македонија“, велат од ФЗОМ.
Со ова се очекува осигурениците да имаат подобра достапност до лековите во текот на целиот месец во аптеките во близина на нивното место на живеење.
Од ФЗОМ појаснуваат дека новите квоти се донесени после исцрпни анализи на дистрибуцијата на квотите на аптеките и во консултации на Фондот со Фармацевтската комора на Македонија, Сојузот на стопански комори и Здружението на приватни аптеки.
Предвиден е минимален износ по глава на жител, односно по осигуреник, по подрачна едниница на Фондот, насекаде во државава. За аптеките се утврдува максимален износ на квота од 650 000 денари по аптека.
Со новата распределба едно правно лице со две или повеќе аптеки не може да има вкупна квота која е поголема од 10 проценти од вкупниот месечен буџет на Фондот наменет за лекови на рецепт на ниво на цела држава. Досега само едно правно лице располагаше дури со приближно 20 проценти од буџетот за лекови на товар на Фондот. Со овој потег се намалува можноста за стекнување и одржување доминантна позиција на пазарот и се подобрува конкуренцијата, а на средните и малите аптеки им се овозможува порамноправни правила на игра.
Во интерес на граѓаните кои живеат во тешко достапни и поодалечени села, Фондот воведува и можност за субвенција на аптеките кои што обезбедуваат лекови за тамошните жители, како директна поддршка за опстојување на аптеките и во такви места.
Дополнително, во почетокот на 2019 година, Фондот ќе распредели дополнителни, најмалку околу 120 милиони денари за лекови на товар на Фондот, со што ќе го зголеми вкупниот буџет за лекови од 2 милијарди и 900 милиони денари за 2018 на најмалку три милијарди и дваесет милиони денари.