На конференцијата за сеопфатно сексуално образование (ССО) „Чук, чук, се извинувам што ви пречам на часот, ССО имате?“, што ХЕРА ја организира, беа презентирани предлог-модели и програма за воведување сексуално образование во основните и средните училишта. Овој модел, кој во текот на годинава беше изработен од Бирото за развој на образованието, ХЕРА и група експерти, предлага воведување посебна програма за сексуално образование, која би се изучувала како изборен предмет во основното образование.
Предметот не би се оценувал бројчено и би го предавале наставници и стручни служби кои доброволно би се пријавиле за обука и за негово спроведување. Предметот по сексуално образование би имал вкупен фонд од 36 часа годишно, а наставната програма би ги вклучувала следните теми: Род, врски и односи, Тело и слика за телото, Сексуално и репродуктивно здравје (ХИВ, сексуално преносливи инфекции, контрацепција), Сексуалност и сексуално однесување, Насилство и Граѓански аспекти.
Бирото за развој на образованието, заедно со ХЕРА и работната група, истовремено предложи да се направи пилот-програма која би се спровела во неколку основни училишта пред воопшто да се подготват стратегија и план за целосно интегрирање на сеопфатно сексуално образование во училиштата. Работната група стои цврсто на ставот дека, иако за почеток фокусот е на основните училишта, со сеопфатно сексуално образование треба да се почне од предучилишна возраст.
Предлог-моделот е испратен до Министерството за образование и наука, кое треба да го разгледа и одобри, по што би почнала фазата на изработка на наставни материјали и пилотирање на програмата во неколку основни училишта.