Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, по средбата со македонскиот министер Никола Димитров, порача дека имале “суштинска дискусија“ за Преспанскиот Договор и за изјавата на премиерот Зоран Заев за јазикот и македонското малцинство.
Катругалос посочи дека го отворил прашањето за контроверзната изјава ан Заев и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на денешниот состанок на министри за надворешни на Алијансата.
-Имавме суштинска дискусија со македонскиот министер за надворешни, двајцата се согласивме дека проблематичните изјави предизвикуваат сомнеж за вистинското значење на Преспанскиот Договор и дека треба да се избегнуваат, токму затоа што двете земји инсистираат на верно почитување на духот у писмото на Договорот кој е од бенефит за двете страни, изјави Катругалос.
Тој додаде дека и двајцата се согласиле дека “она што точно го дефинира статусот на обврските на секоја страна е членот 3 (4), кој не остава никаков простор за интервенција во ниту една од земјите“.
Гркот потврди дека го отворил прашањето денеска со Јенс Столтенберг, покрај другите теми.
-Го отворивме и тоа прашање, а Столтенберг ме информираше и за техничкиот процес што следи, бидејќи сите се надеваме на ратификација во двете земји.
Катругалос повтори дека треба да се биде “многу, многу внимателен“ да не се создаваат сомнежи и погрешни интерепретации за тоа што го кажува Договорот.“