Во Кривичниот суд во Скопје продолжува судењето за предметот „Титаник 2“ на Специјалното јавно обвинителство, што се однесува на изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година.
Меѓу обвинетите е и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, кој се наоѓа во притвор во затворот „Шутка“, откако Судот му ореди 30-дневен притвор за случајот „Империја“.
Минатото рочиште беше одложено, а претседателот на судечкиот совет Огнен Ставрев и даде рок од три дена на одбраната да се изјасни дали некој од обвинетите ќе ги предложи за сведоци.
На почетокот на минатото рочиштето Ставрев ги извести присутните дека ги прифатил како сведоци Љупка Гугучевска, Адмир Шабани и Љубомир Атанасовски, и дека привремениот деловник го прифатил како материјален доказ.
Во „Титаник 2“ обвинети се лидерот на ДПА, Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.