Претседателот на Собранието, Талат Џафери, по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука, упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија.
„Почитувани припадници на албанската заедница, граѓани на Република Македонија, дозволете ми, од свое лично име и од името на пратениците во Собранието на Република Македонија, да Ви го честитам 22 ноември – Денот на албанската азбука.
Денес е значаен ден за Албанците во Македонија и се разбира за сите Албанци насекаде низ светот. Ден кога пред точно 110 години, на Битолскиот конгрес се постигна унификација на азбуката со која ќе пишуваат, читаат и зборуваат сите Албанци и тоа помогна во издигнување на албанската култура и образование на едно скалило погоре, меѓутоа беше и крстопатот на кој сиот интелектуален потенцијал на Албанците собран во Битола, насочувајќи ги очите кон запад, го избра патот на напредокот.
И денес, сонцето за сите нас кои живееме на ова поднебје, изгрева на Запад.
Нека ни е честит празникот!“, се вели во честитката.