Започна собирање податоци за состојбата на децата и жените во земјата

Од:

Државниот завод за статистика, во партнерство со УНИЦЕФ и УНФПА, викендов започнува со собирање податоци за состојбата на децата и жените во земјава, во рамките на една од најголемите меѓународни програми за истражување во домаќинствата, шестата серија на Мултииндикаторското кластерско истражување (МИКС), што е поддржано од УНИЦЕФ во светски рамки.

„Ги повикуваме сите домаќинства да ги отворат вратите на нашите анкетари, бидејќи со овие податоци земјата и понатаму ќе развива политики и насочени интервенции што се потпираатна информации со цел да се подобри состојбата на жените и децата во земјата“, рече Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика.

МИКС е сеопфатен извор на податоци за жени и деца, со кој се обезбедуваат споредливи показатели за исхрана, рани бракови, детски труд, функционалност на децата и возрасните (попречености), ран детски развој, образование и другите сфери што влијаат на благосостојбата на децата. Единствен е бидејќи со него се обезбедуваат споредливи и расчленети податоци со кои земјите ги идентификуваат јазовите во правичност и ги идентификуваат конкретните групи што се изоставени.

„Како што проблемите кои не се проценети остануваат нерешени, така постои ризик да се изостават децата кои не се изброени,“ рече претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс.

„Информациите се неопходни за надминување на јазови во податоци, за полесно донесување одлуки врз основа на докази, и за поттик на актуелните реформи во земјата и реформите кои се во тек. Со нив треба да се постигне и трансформација – неповратни промени за подобро утре на сите деца и жени во земјата“.

Собирањето податоци ќе се врши од 16 ноември до март следната година во 6240 домаќинства во земјата, одбрани по случаен примерок. Методологијата подразбира интервјуа лице во лице што ќе ги вршат обучени анкетари.

Последното истражување за МИКС во земјата се спроведе со поддршка на УНИЦЕФ во 2011 година.

МИКС е глобална методологија што се користи од 1990-те. Неодамна ѝ се изврши ревизија за да ги опфати показателите за глобалните Цели за одржлив развој . Со новите подобрувања, со истражувањето ќе се обезбедат и вредни информации за нови области кои претходно не биле оценувани во рамките на истражувањето МИКС, како што се пристапот до социјални трансфери, основни вештини за учење (за деца од 7 до 14 години), функционирање на децата и возрасните, статусот на миграција, употребата на чисти горива и технологија, како и виктимизација.

Би можело да ве интересира

ДЗС: Повеќе договорени, а помалку извршени градежни работи во странство

Полицијата пронајде две мали деца на улица, децата им се предадени на родителите

Горан Наумовски

Секое трето дете во земјава живее во сиромаштија

Катерина Ѓуровски

ТикТок повторно на мета: Поднесена уште една тужба за собирање податоци за деца

A1on

Децата се 70 отсто од жртвите на трговија со луѓе во Македонија

Катерина Ѓуровски

Помалку издадени одобренија за градба во мај

Горан Наумовски