Формиран Клуб на жени на Движење ЗНАМ, Александра Јелиќ избрана за претседател

Од:

Политичката партија „Движење ЗНАМ за наша Македонија“ вечерва во Скопје ја одржа основачката конференција на клубот на жени. На конференцијата за претседател на клубот на жени едногласно е избрана Александра Јелиќ, но и координативно тело составено од 18 членови.

Претседателот на Движењето ЗНАМ Максим Димитриевски, во изјава за медиумите пред почетокот, порача дека формирањето на Клубот на жени е значаен чекор во јакнењето на политичката организација, но и јасна порака за местото и улогата на жените во ЗНАМ.

– Жените заслужуваат свое место. Жените од ЗНАМ се истрајни, упорни и посветени. Тие се исти како секоја мајка, жена, девојка и баба во секое македонско семејство. И токму водејќи се од тие постулати, заедно ќе продолжиме да работиме во интерес на граѓаните на Македонија, бидејќи Македонија заслужува да биде просперитетно место за живеење, а кој друг ако не токму дамите или мајките можат тоа да го направат најдобро за сите нас – изјави Димитриевски.

Тој нагласи дека Клубот на жени не го гледаат како формална организациска структура, туку како силен политички двигател, кој ќе даде нова енергија на движењето и ќе биде глас на жените во општеството.

Од партијата порачуваат дека формирањето на Клубот на жени е дел од активностите предвидени со Акцискиот план на Движењето ЗНАМ за 2026 година и претставува јасна определба за создавање силна, организирана и активна структура, во која жените ќе имаат значајна улога во креирањето на политиките, носењето одлуки и обликувањето на политичките процеси.

Јелиќ, во своето обраќање порача дека пред себе гледа жени со огромен потенцијал, кои не сакаат да бидат набљудувачи на иднината, туку нејзини креатори.

– Верувам дека од овој состав ќе произлезат нови лидерки, нови идеи и нова енергија. Нашата порака е јасна: не бараме простор за да бидеме слушнати, туку преземаме одговорност за да направиме промена. ЗНАМ дека можеме повеќе, ЗНАМ дека можеме заедно и ЗНАМ дека жените имаат сила да ја менуваат Македонија – изјави Јелиќ.

На конференцијата, која се одржа во хотелот „Холидеј Ин“, присуствуваа повеќе од 400 делегати, членки на партијата, како и претставници на ЗНАМ во извршната и законодавната власт, меѓу кои министерот за јавна администрација Горан Минчев, пратеници и други партиски функционери.

Би можело да ве интересира

Едно лице осомничено за тешка кражба во Тетово

Политичка академија на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ: За една повеќе – вредности, лидерство и заедничка политичка агенда

Димитриевски: Ставот на ЗНАМ за правосудниот испит е непроменет, очекуваме лидерска средба во декември

Потпишан Меморандум за соработка и дониран  современ спектрофотометар за студентите при Тетовскиот универзитет

Пирц-Мусар: Проширувањето на ЕУ сѐ уште се одвива пребавно, Словенија поддржува гласање со квалификувано мнозинство

Средба на Сиљановска-Давкова со Александар Чупиќ, вршител на должноста претседател на Република Србија

Предраг Петровиќ