„Воведување на корпоративните иновации во Македонија“ е темата на панел дискусијата која ќе се одржи денеска во Скопје како дел од Светската недела на претприемништво.
Целта e поврзување на најразвиените компании од областа на информатичките технологии, fin-tech и BigData со најуспешните старатапи во Македонија и соседните земји, преку кое ќе можат да разменат искуства и мислења и да создадат потенцијали за идна соработка.
Според најавата од организаторот, Стартап Македонија, на панел дискусијата ќе се обратат амбасадорите на САД и на Швајцарија во Македонија Џес Бејли и Сибил Сутер Тејада, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски и Игор Маџов, кo-основач на Стартап Македонија.
Фокусот на овогодинешната светска недела на иновации во Скопје која е дел од глобалната иницијатива што од 12 до 18 месецов ја промовира иновативноста во 170 држави ширум светот, се развивање на претприемништвото, поттикнување на растот и развојот на нови бизниси и воспоставување стратешки партнерства меѓу стартапите, претприемачите, развиените бизниси и компаниите.
Активностите се поддржани од Фондот за иновации и технолошки развој, проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Швајцарската програма за претприемништво (SwissEP), South Central Ventures, Startup Commons, Фитбит и Inplayer.