Наполи не успеа да ги освои трите бода на гостувањето кај ПСЖ синоќа во 3.коло од Лигата на шампионите. Гостите во два наврата имаа водство и затоа жалат што на крајот мораа да се задоволат само со бод.
– Тажни сме поради пропуштената шанса од Париз да си заминеме како победници. Не издржавме, иако два пати водевме. Сепак, покажавме дека сме одличен тим, изјави Инсиње кој успеа да се запише во листата на стрелците.
За италијанскиот репрезентативец ова беше втор гол по ред во ЛШ.
– Не е важно кој ќе реализира. Тимот е на првото место. Сите имаат заслуга кога некој ќе постигне гол, потенцира Инсиње.
По три рунди во Ц-групата од Лигата на шампионите, Ливерпул е прв со шест бода, Наполи има пет, ПСЖ четири, Црвена ѕвезда еден.