Руски навивач се здоби со убоди од нож во близина на стадионот „Олимпико“, други двајца се претепани, додека триесетина се повредени во метро станицата во Рим.
Ова е епилогот од инцидентите синоќа во главниот град на Италија каде се играше натпреварот од фудбалската Лига на шампиони меѓу Рома и ЦСКА Москва.
Тамошната полиција има легитимирано неколку осомничени лица за нападот со нож и тепачката што се случија на мостот до стадионот, односно на плоштадот „Манчини“.
Претходно, руската амбасада во Рим соопшти дека околу 30 луѓе, меѓу кои и руски навивачи кои оделе кон „Олимпико“ се повредени при дефект на подвижните скали во метро станицата. Осум лица се со сериозни повреди, а според италијанските медиуми, на еден руски навивач му е ампутирана една нога.