Шефот на дипломатијата Никола Димитров денеска беше домаќин на средба, организирана во рамки на посетата на Македонија на делегација од составот COWEB (за Западен Балкан)/COELA (за проширување) од Европската Унија, под покровителство на Делегацијата на ЕУ во Скопје и Австриското претседателство со ЕУ.
Како што соопшти МНР, претставници од министерствата за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, на ниво на Директори за ЕУ и Западен Балкан, се во посета на земјата со цел размена на мислења за тековните достигнувања во контекст на евроинтеграциите. На состанокот, како соговорници, присуствуваа и ЗПВРМ за европски прашања Бујар Османи, ЗПВРМ и МВР Оливер Спасовски и МИОА Дамјан Манчевски.
Димитров во своето обраќање се осврна на тековниот развој на внатрешните состојби во земјата, за пост-референдумските прашања, за континуираниот развој на активностите и генералните очекувања и потребата од понатамошна поддршка од земјите-членки на патот на Република Македонија кон ЕУ.
– Крупни и храбри чекори треба да се преземаат за да се добијат видливи резултати, кои треба да нè доближат до вредностите и стандардите кои ги уживаат граѓаните на ЕУ. Тоа е патот по кој тргна оваа Влада, пат кој успешно ќе се изоди преку понатамошно спроведување на домашните реформи, како и преку негување и унапредување на добрососедските односи. Пред да стигнеме во Европа, целта ни е да станеме она што е Европа. Само така патот ќе биде пократок и побезбеден, рече Димитров.
Во рамки на состанокот, воведно обраќање имаше и вицепремиерот Османи кој рече дека минатиот месец почна објаснувачкиот скрининг, со отворање на поглавјето 23, што заврши исклучително успешно и со која и формално го започнавме нашиот пат до преговорите – јуни 2019.
Спасовски и Манчевски имаа свое излагање за клучните постигнувања во областите за кои се надлежни, како и за досегашните и идните конкретни чекори во активностите поврзани со пристапувањето на Република Македонија во ЕУ.
– Во транспарентна постапка со информирање и консултација на стручната и пошироката јавност, донесен е пакетот закони неопходни за реформа на системот за следењето на комуникациите: Закон за следење на комуникациите; Закон за Оперативно техничката агенција (ОТА); Закон за изменување и дополнување на Законот за електронски комуникации и Закон за измени и дополнување на Законот за класифицирани информации. Во постапка пред Собранието на Република Македонија е Законот за изменување и дополнување на Законот за кривична постапка. Во новите законски решенија во целост се инкорпорирани препораките на групата високи експерти во областа на владеење на правото, предводени од Р. Прибе. ОТА ќе се формира на посебна локација, надвор од МВР и истата ќе биде воспоставена до 1.11. 2018 година. Владата на Република Македонија на 9.10.2018 год. донесе Одлука за формирање на Меѓуресорската работна група која треба да предложи модел за реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем во Македонија со План за негово воспоставување. Врз основа на извршените SWOT анализи наведената Меѓуресорска работна група треба до 15 Ноември да и’ предложи на Владата – Модел за рефома на безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Македонија со План за негово воспоставување, рече Спасовски.
Манчевски рече дека со поддршка од СИГМА, МИОА разви концепт за Висока административна служба, кој ги образложува опсегот, правниот статус и мандатот, селекцијата и регрутирањето, обуката и развојот, управувањето со ефикасноста, Комисијата за селекција, правната постапката за основање и преодниот период за сегашните јавни службеници кои би биле дел од идната повисока државна служба.
Претставниците од земјите-членки на ЕУ покажаа интерес за текот на реформските процеси и дадоа поддршка кон натамошните чекори во евроинтеграциите на земјата.