Советот за безбедност на ОН ќе преземе “многу силна” акција како одговор на нуклеарната проба, која Северна Кореја се подготвува да ја изврши, рече во понеделникот претседателот на Советот.
Ким Сук, амбасадорот на Северна Кореја во ОН, изјави дека по се изгледа е “неизбежна” нуклеарната проба што ја подготвува Пјонгјанг.
Тој додаде дека 15 членови на Советот се “единствени и одлучни” во волјата да одговорат на таа проба, која ја опиша како “опасен обид да се поткопа авторитетот и кредибилитетот на Советот за безбедност на ОН.”
“Не можеме да седиме со скрстени раце пред провокативната и деструктивна иницијатива на Северна Кореја”, рече тој.
“Очекувам многу силни мерки” на советот за безбедност на ОН во случај Северна Кореја да ја изврши нуклеарната проба.
Јужна Кореја во текот на февруари е на ротирачка должност на претседателство на Советот за безбедност. Таа, од 1 Јануари е непостојана членка на тоа тело, со мандат од две години.
Пјонгјанг најави намера да изврши трета нуклеарна проба – претходните беа во 2006 и 2009 година, во знак на одмазда за јануарската одлука на Советот за безбедност на ОН, да ги прошири санкциите против режимот на Северна Кореја поради лансирањето на ракета еден месец порано.
Јужнокорејските експерти веруваат дека нуклеарната проба ќе се изврши во пресрет на кинеската Нова Година, на 10 февруари, додека на 16 февруари во Северна Кореја се слави годишнината од раѓањето на Ким Јонг Ил, кој почина во 2011 година, татко на сегашниот лидер Ким Јонг-Ун.
Неколку резолуции на ОН и забрануваат на Северна Кореја секаква нуклеарна или балистичка активност.
Лансирањето на ракети и нуклеарните проби на Пјонгјанг од 2006 година, му донесоа низа санкции, вклучувајќи го и замрзнувањето на имотот на севернокорејските фирми и забрана за патување на државните функционери.