Италијанскиот премиер Џузепе Конте денеска изјави дека Италија останува во Еврозоната, откако каматните стапки на италијанскиот долг скокнаа по шпекулациите дека Владата размислува за враќање на лирата како национална валута.
Финансискиот удар почна кога претседателот на Комисијата за буџет на Долниот дом на италијанскиот Парламент, Клаудио Борџи изјави дека е „убеден оти со враќање на своја валута, Италија ќе го реши најголемиот дел од своите проблеми“.
– Италија е основач на Европската унија и на Европската монетарна унија и сакам да потенцирам дека еврото е наша валута и тоа за нас е неотповикливо. Каква било друга изјава треба да се смета како самостоен, индивидуален став кој нема никаква врска со политиките кои ги води мојата Влада, изјави Конте.
Борџи, кој е член владејачката десничарска партија Лигата на министерот за внатрешни работи Матео Салвини, по критиките од Конте, преку Твитер, објави дека овој негов личен став не е дел од коалицискиот договор меѓу Лигата и Движењето 5 Ѕвезди.