Полицијата во Лас Вегас ќе спроведе истрага по обвинувањата на една жена која тврди дека Кристијано Роналдо ја силувал во 2009 година.
Кетрин Мајорга тврди дека била нападната од Португалецот во хотелска соба во САД.
Обвинувањата на Мајорга прв ги објави германскиот магазин „Шпигел“, но претставници на Роналдо веднаш ги отфрлија како неточни и најавија дека ќе го тужат весникот.
Според информациите на „Шпигел“, 34-годишната Мајорга поднела пријава до полицијата во Лас Вегас набрзо по инцидентот. Изданието пишува дека во 2010 година таа постигнала вонсудски договор со фудбалерот на Јувентус, согласно кој, добила 375.000 долари и се согласила никогаш да не проговори за тоа што се случило.
Полицијата во Лас Вегас потврди дека истражувале пријава во јуни 2009 година, но додава дека немало осомничен за случајот.
„Во периодот кога беше прифатена пријавата, жртвата не им даде на истражните органи информации за местото на инцидентот или опис на напаѓачот. Од септември 2018 година, случајот е отворен одново, а нашите детективи ги проверуваат доставените информации“, се вели во соопштението на полицијата.