Во шестиот посебен извештај на СЈО, пишува дека од јавно објавените телефонски разговори меѓу Александра Зафировска, тогашната претседателка на Судскиот совет на Република Македонија со високи функционери во Владата како и необјавените телефонски комуникации кои ги поседува ова обвинителство укажуваат на тоа дека таа со своето постапување не само што не го оневозможила политичкото влијание во судството, туку напротив ширум ја отворила вратата овозможувајќи и на тогашната владеачка политичка партија да ги земе во целост под своја контрола институциите на судскиот систем. Тоа го правела преку нарачани и договорени избори на судии, директно интервенирање во носење на судски одлуки, корупција, реваншизам и воопшто со еден збор политизирање на сите сегменти на судската власт.
„Додека таа ја вршела функцијата претседател на Судскиoт совет, била во постојана координација со извршната власт. „Содржината на аудио материјалите несомнено упатува на заклучок дека тогашниот премиер на Владата не само што бил известуван и консултиран при носењето на најзначајните одлуки на Судскиот совет, туку истиот имал клучна улога при изборот на судии и стручни соработници“, пишува во изештајот. СЈО констатира дека Александра Зафировска и во моментот е член на Судскиот совет и од неа се очекува како поединец да ја унапреди независноста и функционалноста на судството.
Во извештајот, СЈО го посочува и претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски како разговара со Миле Јанакиески како министер за транспорт и врски како и необјавени разговори на Вангеловски во 2011 и 2012 година кои покажуваат непрофесионално и несовесно извршување на функцијата претседател на Врховниот суд на Република Македонија.„Тој во повеќе наврати на свои соговорници им изнесувал информации од судските постапки кои се водат пред Врховниот суд, интервенирал кај други судии за предметите и давал сугестии за постапувањето“, пишува во извештајот.
Васко Маглешов