Зајакнувањето на стабилноста и европската перспектива на регионот биле главна тема на денешната средба на албанскиот претседател Илир Мета и неговиот косовски колега, Хашим Тачи во пристанишниот град Драч.
Двајцата државници дале заедничка оценка дека зацврстувањето на регионалната стабилност и европската перспектива на региониот е нивна заедничка цел.
Од своја страна Мета нагласил дека од посебна важност е продолжувањето на дијалотот за конечно нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.
– Нормализирањето на косовско-српските односи ќе гарантира взаемно признавање меѓу двете земји и нивна иднина во Европската унија и секако постојан соживот меѓу Албанците и Србите, во интерес на идните генерации, оценил Мета, пренесуваат од неговиот кабинет.
Соговорниците се согласиле дека натамошниот развој на сеопфатната размена меѓу Албанија и Косово е заеднички приоритет.
Според албанските медиуми средбата на Мета со Тачи доаѓа еден ден по онаа на шефот на албанската држава со лидерот на Движењето „Самоопределување“ Албин Курти, кој од Мета побарал поддршка за косовската опозиција за ставот за неменување на границите на Косово.
Инаку, Курти имал средба и со Сали Бериша, поранешен претседател и премиер на Албанија и некогашен лидер на опозициските демократи, кој оценил дека идејата за корекција на границите претставува „најдестабилизирачки чин во регионот“.