Северна Кореја го маскира влезот на подземниот тунел во североисточниот реон на земјата за да го осуети сателитското набљудување од страна на државите кои се обидуваат да го дознаат датумот на следната нуклеарна проба, најавена од Пјонгјанг, пишува денеска јужнокорејскиот печат.
Сателитските снимки покажуваат дека на влезот на тунелот е поставена „мрежа за камуфлажа“, изјави извор од владата во Сеул, кој посака да остане анонимен.
Со тоа веројатно се има за цел „речиси завршените подготовки за нуклеарната проба да не бидат следени однадвор“, додава анонимниот извор од Сеул.
Полигонот во североисточниот дел на Северна Кореја, каде Пјонгјанг во подземен тунел веќе изврши две нуклеарни проби, во 2006 и 2009 година, е набљудуван преку сателити од САД, Јужна Кореја и Јапонија.
Минатата недела Северна Кореја, без да посочи датум, соопшти дека планира да изврши нов нуклеарен тест во знак на предизвик кон САД, нејзиниот „”заколнат непријател“, и како одговор на гласањето пред тоа во ОН за проширување на санкциите против земјата.
Според извор од тајните служби во Сеул, цитиран од агенциите, Пјонгјанг го маскира влезот на тунелот „за да ги измеша картите“ што е „тактика која ја примени и при истрелувањето на ракетата минатиот декември“ , со што повторно ги прекрши санкциите на ОН.