Македонскиот шампион Шкендија утре со Ред бул Салцбург го игра првиот натпревар од третото квалификациско коло на Лигата на шампионите.
Тренерот Ќатип Османи и капитенот Арменд Алими пред натпреварот во Австрија истакнаа дека домаќинот е фаворит во пресрет на двомечот, но и дека ќе дадат се од себе да постигнат успех.
– Среќни сме што сме тука и ќе се соочиме со голем клуб како Салцбург. Станува збор за силен противник и мошне квалитетен тим, а тоа за нас ќе претставува тешка задача. Добро анализиравме и знаеме што не очекува. Тука сме да го прикажеме најдоброто од нас, истакна Османи.
Капитенот Арменд Алими смета дека Шкендија нема што да загуби на овој натпревар.
– Салцбург е фаворит, има поголем буџет и поголемо искуство, но кога натпреварот ќе започне на терен остануваат 11 против 11, а тогаш ќе ја покажеме нашата мотивација. Немаме што да загубиме во овој натпревар, туку само можеме да добиеме. Ќе дадеме максимум, а по натпреварот ќе видиме дали тоа ќе биде доволно за позитивен резултат, наведе Алими.
Натпреварот се игра утре со почеток во 19 часот на арената „Ред бул“ во Салцбург.