Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ги повика политичкото раководство и народот на Зимбабве на воздржаност и отфрлање на насилството во сите негови форми, додека чекаат решавањето на споровите и прогласувањето на изборните резултат”.
„Загрижени сме од извештаите за случаи на насилство во некои делови на Зимбабве”, се наведува во неговата изјава, која ја прочита пред новинарите портпаролот на ОН.
„Ние би сакале да ги потсетиме владејачките и политичките партии на преземените обврски, на ветувањето за мир, како и на етичкиот кодекс за обезбедување на мирен изборен процес”, наведе Гутереш.
Амбасадата на САД во Хараре ја повика армијата на Зимбабве да пројави воздржаност при растурање на демонстрантите. Повикот беше упатен преку Твитер, а во кој се вели дека САД се длабоко загрижени од последниот развој на ситуацијата во земјата.
Полицијата од Зимбабве соопшти дека три лица денеска загинаа во насилствата во Хараре, откако приврзаниците на опозицијата се судрија со полицијата.
Претседателот на Зимбабве Емерсон Манангагва рече дека насилството во Хараре има за цел да го наруши изборниот процес. Тој додаде дека раководството на опозициската политичка сила „Движење за демократски промени” е одговорно за случаите на убиства и повреди.
Портпаролот на лидерот на опозицијата во Зимбабве изјави дека реакцијата на војската при задушувањето на протестите била несразмерна и неоправдана.