По минатомесечната посета на претседателот на компанијата „Гугл“ Ерик Шмит на Северна Кореја и состаноците на кои е разговарано за ограничувањето на оваа компанија за прикажување слики на Северна Кореја на „Гугл Мап“, направен е исчекор во тој поглед.
Од „Гугл“ е соопштено дека на нивната апликација „Гугл Мап“ ќе се наоѓаат многу паркови, споменици, улици и железнички станици во Пјонгјанг.
Новата карта е изработена врз основа на сателитските снимки од 2009 година, а искористени се и голем број фотографии и сознанија до кои дошла компанијата со посредство на посетители на Северна Кореја. На „Гугл Мап“ ќе се најдат и слики од четирите области на Северна Кореја, кои власта ги користи како затвори.
Од компанијата наведуваат дека ниту новата карта не е совршена, но дека е голем исчекор во однос на претходната, а се најавува и продолжување на нејзиното унапредување во блиска иднина.