Северна Кореја се закани денеска со „немилосрдна“ одмазда кон Јужна Кореја поради нејзината поддршка на санкциите на Обединетите нации, додека Сеул побара од Пјонгјанг да се откаже од планираните нуклеарни проби.
Традиционално тензичната ситуација на Корејскиот Полуостров уште повеќе се затегна изминатите недели поради заканите на Северот дека планира да изврши нуклеарна проба, како одговор на минатонеделното проширување на санкциите од страна на Советот за безбедност на ОН.
Во долгиот коментар, кој денеска го објави државната агенција КЦНА се повторува дека резолуцијата усвоена од страна на СБ е „исто што и објава на војна“, Танјуг.
Укажувајќи на поддршката на Сеул на резолуцијата, која според Пјонгјанг е вредна за презир, КЦНА истакна дека ова е голема провокација која нема да мине без одговор.
– Провокаторите ќе се соочат со ударот на немилосрдната одмазда, се вели во коментарот.
Во текстот не се споменува нуклеарната проба, која воените власти на Северна Кореја експлицитно ја најавија во соопштението, кое КЦНА го објави минатата недела.
Комисијата за национална одбрана соопшти дека пробата за цел го има главниот непријател, САД, кои ја предложија резолуцијата на ОН како казна за недозволивото лансирање на ракета со голем дострел во декември.
Јужнокорејското Министерство за надворешни работи денеска укажа дека резолуцијата на ОН претставува предупредување за преземање на важни акции против Северот доколку изведе уште една проба.