Во општините Кочани и Виница во моментот има три семејства кои згрижуваат деца без родителска грижа, иако постои потенцијал овој број да биде неколкупати поголем, за што е неопходна подобра информираност и мотивираност на граѓаните.
Ова се дел од заклучоците на презентацијата на кампањата „На секое дете му треба семејство“ што Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од УНИЦЕФ и локалните самоуправи, ја организираше во Кочани и Виница.
– Фактот што во институциите во Македонија има околу 170 дечиња коишто можат да бидат згрижени, а во текот на кампањата имаме 130 пријави за згрижувачки семејства е потврда дека кампањата што се реализира во градовите во Макеоднија има позитивно влијание. Очекуваме во наредниот период токму од Кочани и Виница да добиеме нови семејства кои ќе згрижат деца со потекло од овој регион, а кои во моментот се наоѓаат во некоја од институциите, истакна Душан Томшиќ од Министерството за труд и социјална политика.
На претставувањето на кампањата пред граѓаните на Кочани и Виница беше речено дека со измените во законот за социјална заштита се предвидува зголемување на паричниот надоместок за згрижувачките семејства што треба да им помогне полесно да ги обезбедат условите за престој на згрижените лица во нивните домови.
За задачите и придобивките на згрижувачките семејства на презентацијата зборуваа стручни претставници од центрите за социјална работа од двата града, а за своето искуство како згрижувачки семејства говореа Ленче Амедова и Ацко Незировски од Кочани.