„Се обраќаме до градоначалникот, советот и надлежните служби на општина Прилеп, како и до директорот на Агенција за храна и ветеринарство, итно да се запре со кревањето паника и страв во однос на бездомните кучиња во Прилеп, како и информациите за епидемија од лајшманиоза во општината и најавите за убивање на бездомните кучиња во градот.
Станува збор за сериозни шпекулации и дезинформации кои ги ставаат на удар кучињата, кои сами по себе никако не можат да бидат извор на болеста која се шири саму преку инсект (мушичка), за што е потребно градот да врши редовна дезинсекција, а не да најавува и спроведе убивање на животните.
Цената на незнаењето на градот да се справи со прекубројноста на бездомни животни преку масовна стерилизација и казни за неодговорно сопствеништво (напуштање на милениците на улица и неконтролираниот расплод) не смее да ја плаќаат животните кои се на улица, но не по своја вина.
Граѓаните мора да знаат дека болеста не се пренесува преку кучињата преку никаков контакт – допир, галење, играње, а ниту пак со угриз од животно; туку исклучиво преку мушички преносители и само со нивно сузбивање се сузбива ризикот по човечкото здравје.
Најавата за масовна појава на лишманија не е ништо друго освен сеење страв, паника и поттикнување на агресија, насилство кон животните, кое оди во прилог на нивно брутално и масовно убивање.
Информираме дека НИКАДЕ на Балканот и земјите од нашето соседство, како и никаде во европските земји лишманијата не е причина за убивање на бездомни животни и тоа дури во подрачја каде појавата на болеста е далеку поприсутна – ваквата одредба само се злоупотребува во Македонија, при што, наместо да се сузбиваат ризиците од болеста и се трошат пари на масовни стерилизации на бездомните кучиња, се плаќаат трошоци за тестирања на секое куче поединечно – трошоци кои се скапи при што се дава можност за сериозни финансиски малверзации – и убивање кое никогаш нема да биде решение на проблемот, туку истиот ќе го продлабочуваат до неврат.
Бараме општината и надлежните органи ИТНО не преземат мерки кои ќе ја гарантираат безбедноста на граѓаните и животните – итно да се запре кревањето паника и да се информира јавноста дека болеста се пренесува само преку мушичките; никако да не се убиваат животните туку итно да се започнат програми за масовно стерилизирање на бездомните животни и казни за неодговорните сопственици (напуштање, неконтролиран расплод на милениците); итно да се изврши дезинсекција во градот, доколку се сомневаат на зголемена појавана лајшманија“, се вели во соопштението на Анима Мунди.