„Како е можно волци со денови или недели да копаат дупки без тоа да биде забележано? Како е можно во објект во кој се чуваат диви и потенцијално опасни животни да нема елементарен надзор и безбедносни протоколи? Како е можно да се овозможи доволно време и простор за да бидат убиени повеќе животни, без навремена реакција, без интервенција, без соодветна седација и контрола на ситуацијата? Кој ја презема одговорноста? Кој ќе одговори за убиените кенгури и ему птици? Кој гарантира дека утре жртви нема да бидат посетители, деца, вработени или граѓани?“ прашуваат денеска од невладината Анима Мунди откако се појави информација дека во скопската Зоолошка градина бели волци успеале да избегаат од своите живеалишта и потоа да усмртат други животни.
Од невладината велат „И не, не е несреќен случај. Ова е алармантен показател за системски колапс, негрижа и отсуство на професионално управување со институција која чува живи суштества зад решетки и за која постојано се издвојуваат јавни средства“.
„Итно и јавно да се истражи колку време бил компромитиран просторот од кој избегале волците? Кој бил задолжен за надзор? Кога последен пат биле извршени безбедносни проверки? Зошто не биле применети протоколи за спречување на трагедијата? Дали постои во ЗОО некаков план за итна интервенција и зошто очигледно потфрлил? Бараме итна, независна и темелна истрага, јавно објавување на сите факти и најстроги санкции за секој што со своето постапување или непостапување придонел за оваа трагедија. Истовремено бараме итен мораториум на размножување, набавка и внес на нови животни во ЗОО Скопје!“ стои во соопштението на Анима Мунди.
