Договори со четири грантисти и 14 партнер организации од процесот на Регионалната канцеларија за соработка со млади (РИКО) денеска беа потпишани во Агенцијата за млади и спорт во Скопје.
Добитници на грантовите се НВО „Младински образовен форум” од Скопје, НВО „Центар за интеркултурен дијалог” од Куманово, НВО „Крератор” од Куманово и средното училиште „Коста Сушинов” од Радови.
Директорот на Агенција за млади и спорт Дарко Каевски, на потпишувањето, изрази надеж дека и во иднина ќе има многу повеќе вакви договори и бенефиции за младите.
– РИКО ја препзна нашата работа како Агенција за млади и спорт. Се залагаме што е можно повеќе да бидеме интегрирани во овој процес и преземаме значителни активности со цел поголема промоција на РИКО во Република Македонија, изјави Каевски.
Ги повика грантистите да ги поддржат и дргите млади организации во процесот на подготвување и аплицирање за грантови.
Младинскиот претставник во Бордот на Регионалната канцеларија, Владимир Ѓорѓевски, рече дека ова е првиот конкретен продукт од Берлинскиот процес и младите конечно ги гледаат резултатите од тој процес.
Раководителот на локалната канцеларија во Македонија, Алберт Хани, објасни дека на регионалниот повик имало 421 апликација, од кои добитници се 35 организации, додека од Македонија аплицирале 61 организација.
– Одвоени се 900 илјади евра, пари кои доаѓаат од државите потписнички на договорот за основање на РИКО. Во отворениот повик имавме две тематски целини, една за мултикултурен дијалог, а другата за социјална инклузија. Според нашите статистики над 70 проценти од организациите аплицирале за првата категорија, изјави Хани.