Од почетокот на годината имавме три случаи кога професионални војници или подофицери беа повредени при изведување вежби и тоа не е бројка која отстапува од стандардите, рече вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.
Одговарајќи на пратеничко прашање, Шекеринска истакна дека се уште е нејасно зошто голем дел од повредите во минатото не биле пријавувани.
– Многу често се случувало и се уште не можам да видам зошто голем дел од повреди кои се случуваат, особено во тек на големи вежби, не биле пријавувани или не биле објавувани во јавноста и тоа ја прави разликата. Факт е дека учеството во воени операции и во воени вежби е ризична работа. И на тоа работно место мора да се направи се за тие ризици да се минимизираат, изјави Шекеринска.
Таа информира дека за сите овие три случаи кои беа објавени во медиумите се преземени конкретни мерки, да се испита дали грешката е во дел од опремата која се користи, во оние кои ја организирале, контролирале и спроведувале вежбата или е кај поединци кои не се придружувале кон правилата.
Шекеринска гарантираше дека веднаш штом ќе бидат изготвени извештаите ќе бидат споделени со јавноста за точно да се знае каде е одговорноста.
-Министерството за одбрана и Армијата најпосле имаат целосен пакет за осигурување, кој често пати во одредени периоди од годината отсуствуваше. Тогаш ако се случеше некаква повреда за жал не можеа да си ги побараат средствата кои можат да им помогнат и за прилагодувањето. Трошоците за лечење и се останато е на товар на Министерството за одбрана, рече Шекеринска.
Според неа, ова е важно прашање и е добро да се зборува за него во јавноста. – На тој начин ќе создадеме атмосфера во која секоја процедура навистина ќе се почитува, а секој кој отстапува од процедурата ќе одговара, рече Шкеринска.