Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) објави јавен повик за избор на стручни лица за оценување предлог-проекти во рамки на Столб 3 од Планот за економски раст на Влада на Република Македонија.
Рокот за аплицирање на јавниот повик за избор на стручни лица трае до 2 јуни до 23:59 часот. Заинтерерисраните кандидати можат да аплицираат за една или повеќе од наведените 20 различни области, како што се: автомобилска индустрија, биохемија, ветерина, градежништво, енергетика и енергенси, информациски технологии итн. Меѓудругото апликантите треба да поседуваат најмалку седум години работно искуство во областа, да имаат завршено високо образование и добро да го владеат англискиот јазик.
Повеќе детали во врска со јавниот повик за избор на стручни лица од страна на Фонд за иновации и технолошки развој може да се најдат на интернет страницата www.fitr.mk.
Вклучувањето на стручните лица во оценувањето на пристигнатите предлог-проекти, информираат од ФИТР, е со цел обезбедување транспарентност и стручност во процесот на евалуација и претставува новина во однос на работењето на службите на јавната администрација.
– Стручните лица ќе бидат ангажирани на професионална основа, со точно одредени услови, рокови за исполнување на зададените задолженија, како и право на финансиска надомест преку потпишување договор за соработка со Фондот, соопшти ФИТР.
Избраните стручни лица, се нагласува во соопштението, ќе оценуваат предлог-проекти од новоосновани компании (старт-ап), микро, мали и средни претпријатија, во согласност со правилниците за сите инструменти за финансиска поддршка што ги спроведува оваа институција, а нивните имиња ќе бидат внесени во Регистар на стручни лица и ќе бидат јавно достапни на интернет страницата на ова владино тело.